Македонија
25. September 2024 - 16:34

Здружението на воени ветерани бара наместо нов, да се почитува постоечкиот закон од 2002 година

Наместо носење нов, да се почитува постоечкиот Законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили донесен уште во 2002 година. Здружението на воени ветерани и воени инвалиди Братство 2001 година бара Законот конечно да почне да се применува.

Оттаму велат дека имаат уште неколку барања кои би требало да бидат дополнети во постоечкиот Закон кој ги опфаќа сите припадници на безбедносните сили од конфликтот во 2001-та.

-Врз основа на тој Закон бараме дополнување и изменување на Законот за припадниците на безбедносните сили, сега веќе воени ветерани, истиот да се почитува од страна на државата и институциите. Второ, доделување на боречка пензија на припадниците на безбедносните сили од 2001 година. Трето, процентуална припадност од 1/3 во државните институции на припадниците на безбедносните сили, според Законот од 2002 или член од нивното потесно семејство. Четврто, целосно ослободување од здравствена партиципација и внесување во здравствениот систем како припадник на безбедносните сили, вели претседателот на Здружението, Владо Томевски.

Томевски вели, немаат против да бидат обештетени 20-тината бранители кои не добиле отштета, но тврди дека постоечкото законско решение ги опфаќа сите припадници кои учествуваа во воениот конфликт и само негово почитување може да им помогне на бранителите. 

Најавите за носење на Закон за бранители ја брануваше владината коалиција. Поднесен е предлог-закон од опозициската СДСМ, кој доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, но целиот албански блок е против. Предлогот заглави во собраниска процедура.