Новогодишната кошница содржи 675 производи – нема казни, граѓаните ќе бидат инспектори дали цените се намалени
Леб, месо, риба, млеко и млечни производи, овошје и зеленчук, алкохолни и безалкохолни... над 600-тини артикли од 15 декември до 15 јануари ќе се продаваат поевтино за најмалку 10 проценти. Владата во соработка со стопанските комори, производителите, дистрибутерите и трговците ја стокми “Новогодишната кошничка”. Целта како што најавија е граѓаните поевтино и побогато да ги поминат претстојните празници.
Намалените цени во продавниците треба да бидат обележани со налепница на производите на која пишува “Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме”. Изготвена е и веб страна на која можат да се видат сите артикли кои поевтинуваат. Бидејќи не е интервентна мерка нема да има казни, а инспектори ќе бидат граѓаните. Нема проекција колкава ќе биде заштедата за едно семејство.
- Нема да има казнување, туку ќе има мониторинг дали на тие производи ќе бидат залепени налепниците за да бидат визибилни за граѓаните, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Но, според информациите од терен, за да не трпат загуби некои компании ги зголемиле цените на производи кои се на списокот за намалување. Премиерот го повика пазарниот инспектпорат да излезе во контрола и да провери.
- Ако некој производ до пред 10 десет дена чинел 10 парички и сега вештачки се покачил на 12 парички и од 15 декември повторно се врати на 10 парички не сме направиле ништо. Но, ако се врати на 8 парички тогаш веќе нешто сме направиле. Затоа велиме дека Пазарниот инспекторат има свои алатки и своја методологија во овие 10 дена кои ни преостануваат до воведување на мерката да ги констатира цените и да види какви беа претходно и врз основа на тоа да носиме заклучоци, изјави Премиерот Христијан Мицкоски.
Од Владата најавија дека листата на производи во празничната кошничка не е конечна, во неа може да влезат и дополнителни артикли.
За Новогодишната кошничка која ја промовираше Владата реагираа од СДСМ преку соопштение. Мерката ја оценија како неефикасна.
- Вистинската мерка која ќе донесе реална корист за граѓаните и реално ќе ги намали цените на производите е укинувањето на ДДВ на храната, предлог што го достави СДСМ. Со укинување на ДДВ на храната реално и вистински ќе се намалат цените на повеќе од 250 категории на производи, а домаќинствата ќе можат да заштедат и до 2.000 денари месечно, сметаат од опозициската партија.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар