Одлуката на Уставен ќе ги седне на маса Владата и здруженијата против присилна наплата на долгови
Владата и здруженијата кои водат битка против присилната наплата на долгови подготвени се заедно да бараат подобрување на Законот за облигациони односи.
Откако Уставен одлучи дека извршувањето на долговите нема да застарува, а здруженијата побараа помош од власта, денеска премиерот ги кани на средба. Вели, одлуката на Уставниот суд е одговор на избрзано донесување на закони.
„Жалам и штета што во минатото се правени набрзина законски изнудени решенија кои ете за жал паѓаат на уставни судови, се носат различни мерки итн. Затоа понекогаш човек треба работите да ги остави да издегистираат за да може да направи чекор напред. Ако сме брзоплети ќе ни се случуваат еве вакви работи. Како Влада сме отворени со овие здруженија да седнеме и да поразговараме, да видиме како можеме да излеземе од тоа условно кажано должничко ропство“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на Влада.
Граѓанските здруженија ја прифаќаат поканата за средба со владата, иако немаат големи очекувања. Сметаат дека без интервенција од власта, дел од граѓаните ќе станат невидливи за институциите.
„Секако дека би прифатиле разговор со било која државна институција, па и со премиерот. Не очекуваме дека многу ќе се смени, меѓутоа ќе дадеме наши согледувања. Има предлози други, за личен банкрот, има и други начини да се тргне ова финасиско ропство кое е наметнато и од големи компании и од банки и мора да се ослободат луѓето, инаку ќе имаме лица кои се духови, без имот, како да не постојат во државата“, изјави Марјан Ненов, Здружение „Но пасаран“.
Уставните судии не спореа за должината на роковите за застарување туку дека законот важел ретроактивно и ги оневозможил веќе почнатите постапки на извршување. Сметаат дека власта веднаш може да утврди нови рокови за присилна наплата, но, без тие да ги прекинат тековните постапки за извршување, кои според судот се на штета на компаниите и нивното уставно право за наплата на побарувањата.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар