Платформата „12.05“ подготвува опозициски фронт со СДСМ, но без ова раководство со Филипче
Платформата „Разговори за иднината во 12 и 05“ од следната недела најавува конкретни решенија за структурни промени во СДСМ. Решенијата прво лично ќе му ги презентираат на Филипче како последна шанса да се подобрат состојбите во партијата. Без да откријат детали, на денешниот брифинг со новинарите, порачаа дека тоа нема да биде формирање на нова партија, ниту фракции на партијата, ниту независни листи на избори.
Во СДСМ постои драматично разочарување, но нашата цел не е поделба на партијата. Напротив, нашата цел е окрупнување на опозицијата, фронт во кој ќе има место за сите граѓани и за членството на СДСМ, но не со ова раководство. Имаме влада со најниски резултати, а висок рејтинг, што е асурдно но е резултат на отсуство на енергична и посветена опозиција од другата страна иако постои огромно опозициско расположение, рече Игор Ивановски на денешниот брифинг
„Ваква СДСМ која оди во насока на непрепознавање дури и од самото членство е во корист само на владата на ВМРО-ДПМНЕ. На повеќе средби со претседателот на партија се обидов да укажам на лошите состојби, но сите разговори завршуваа без конкретни резултати и промени. Имаше непристојни понуди од раководството да се биде дел од него за сметка на тоа да се туркааат работи под маса. Но тоа го отфрливме. Загриженост за состојбите во партијата има и помеѓу целата пратеничка група на СДСМ, но секој има свој начин на реакција„ рече Славјанка Петровска
Според дел од нив Филипче е целосно некомпетентен да биде лидер на партијата и нема право да зборува дека не бил информиран за дејствувањето на платформата.
Сум се видел лично со Филипче минум три пати, му кажав за платформата, му објаснив што планираме и кого ќе поканиме и го замолив да не не напаѓа од прва туку прво да не ислуша, но Филипче ми одговори – ако не ве нападнам сите ќе отидат кај вас. Нашата цел е окрупнување на опозицијата. Нашите анализи и анкети покажуваат дека во моментов има помеѓу 200 и 250 илјади гласачи кои не знаат за кого да гласаат бидејќи нема кој да ги привлече со некаква промена. Затоа сакаме да предизвикаме структурни промени, дали имаме план како? Да. Но прво ќе му дадеме последна шанса на Филипче да направи чекор кон подобрување на состојбите, бидејќи СДСМ е на раб на исчезнување, ако не се дејствува брзо партијата ќе отиде на изборна кланица„ рече Емилијан Станковиќ,
Филипче не може да биде претставник на членството на СДСМ. Кога ние се боревме против режимот, тој беше дел од контрапленумот. Кога јас го организирав штрајкот во здраваството, Филипче беше штрајк брејкер како советник во кабинетот на Никола Тодоров. На една средба отворено му кажав дека не може да направи промени во СДСМ, а он ми кажа – и јас се сомневам дека можам да направам некакви промени. Ние никогаш нема да и нанесене штета на СДСМ, никогаш нема да повикаме некој да гласа против СДСМ, нема да апстинираме, ниту ќе повикаме на бојкот. Нашата цел е да покажеме дека има опција за излез од оваа состојба, рече Андреј Петров
Нашите решенија не се кадровски, нема да бидат за тоа кој на кое столче да седне, туку структурни. Ние СДСМ мора да ја промениме што побрзо тоа подобро. Партијата мора да се врати на членството, рече Гордан Георгиев
Филипче пак вели дека прво ќе почека да ги види решенијата кои ќе ги понуди платформата, па потоа ќе коментира. Сепак вели дека вратите на партија се отворени за сите членови кои имаат искрени намери да помогнат
Првите чекори од платформата најавија дека ќе ги превземат по настанот во сабота кој ќе биде посветен на дебата за 35 години независност на Македонија.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
