Македонија
2. March 2025 - 16:39

По 23 пат во Прилеп „Карневал Прочка“

30-тина групни и поединечни маски со околу 600 тини учесници денеска продефилираа низ центарот на Прилеп како дел од 23 Карневал Прочка. Гости имаше од повеќе краеви на Македонија. Маските беа поделени на традиционални, некои стари и со векови, но имаше и модерни маски. На карневалот учествуваат и млади и стари.

„Нашата маска е „Го пратиле Дедо в планина“ да го изедат мечките, ама дедото се вратил со мечина, ама потоа се вратил и со невести. Оти дедото е мераклија и на винце и на ракиче, ама и на невести“, велат членките на Здружението Преродба, маскирани во оваа маска.

„Ние доаѓаме од Пробиштип, тука сме да ја претставиме маската веселите пирати. И да покажеме дека после секој пораз доаѓа среќа и пријателство“, велат гостите од Пробиштип.

„Ние сме од охридско село Куратица, ние ја чуваме Клеопатра, кај нас се е весело и се можит да си поминит ко шо требит дури и Клеопатра“, велат гостите од охридско.

Здружението „Прочкари“ од Прилеп учествува на овој Карневал од самиот почеток точно 23 пат секоја година. Секогаш со оригинална маска која испараќа одредена порака.

„Маската го претставува потопот од Дедо Ное и големата казна од Дедо Боже што човештвото ја заслужува затоа што има премногу злоба, омраза, злочини, кражби“, велат од Здружението „Прочкари“.

Секоја од маските имаше своја точка на плоштадот Методија Андонов ченто. А во духот на денешниот ден, беше побарано да си простиме едни на други, што е и суштината на празникот.

„Да знаеме да подадеме љубов, но во исто време да си простиме со зборот „Прости ми – Нека ти е простено“, кажа  Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Освен дефилето забави под маска имаше и во сите угостителски објекти во градот.