Преглед на вестите од светот
Граѓаните на Србија беа повикани денеска во 11 часот и 52 минути да застанат 15 минути за да им оддадат почит на загинатите од падот на настрешницата на влезот на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Студентите неколку белградски факултети барајќи одговорност за смртта на 15 лица и тешките повреди на двајца, најавија неколку блокади на сообраќајници, јави Бета. Поддршка имаат и од членовите на Нова демократска партија на Србија.
Претставникот на иницијативата „Мостот останува“, Ѓорѓе Микетиќ најави дека пред РТС, граѓаните на Белград ќе им оддадат почит на жртвите во Нови Сад и ќе укажат на, како што рече, молкот на јавниот медиумски сервис, од кои бараат барем симболично да се прекине програмата во 11:52 часот.
Најави за блокади има во повеќе градови од Србија.
Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека ќе остане на функцијата до крајот на неговиот мандат во 2027 година.
Во телевизиско обраќање откако Националното собрание средата изгласа недоверба на владата назначена од шефот на државата, а предводена од премиерот Мишел Барние, Макрон ги обвини пратениците од Долниот дом на Парламентот кои изгласаа недоверба на Владата, дека мислат само за претседателските избори.
Францускиот претседател вети дека за неколку дена ќе назначи нов премиер. „Приоритет за идниот премиер ќе биде донесувањето на буџетот за следната година во форма на посебен закон“, истакна Макрон.
Макрон се состана со сојузниците и лидерите на парламентот во текот на четвртокот додека се обидуваше брзо да назначи нов премиер кој ќе го замени Барние. Елисејската палата соопшти дека Макрон побарал од Барние и неговата влада да останат во привремена функција додека не се формира нова влада.
Земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала синоќа ја погоди морската област во близина на северниот дел на американската сојузна држава Калифорнија, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар. Земјотресот се случил на длабочина од десет километри.
Епицентарот на земјотресот бил на 108 километри северозападно од градот Фортуна, кој има 12.000 жители, а најголем град во областа е Санта Роса, каде живеат околу 180.000 луѓе.
Беше издадена и тревога од страна на Националната метеоролошка служба за предупредување од цунами кое се протегало по должината 800 километри од бреговите на Калифорнија и Орегон, кое подоцна било откажано околу 90 минути по земјотресот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар