Преглед на вестите од светот
Најмалку 14 лица загинаа додека околу 40 се повредени во жестоките руски напади кои во текот на ноќта се случиле во Доњецкиот регион.
Како што соопшти украинското Министерство за внатрешни работи, градот бил напаѓан со ракетни проектили, вклучително и балистички ракети, како и беспилотни летала. Во нападите се оштетени осум катни згради.
Доњецкиот регион е под засилени напади на руските сили во последните неколку месеци.
Доналд Трамп размислува да ги повлече американските војници од Германија и да ги прераспореди во Источна Европа, со акцент на Унгарија, открива Телеграф. Трамп размислува за повлекување на околу 35.000 активни лица од Германија, што дополнително ќе ги заостри американско-европските односи.
Се вели дека Трамп размислува за репозиционирање на некои американски војници во Европа за да се фокусираат на земјите од НАТО кои ги зголемија трошоците за одбрана.
Американската администрација официјално ниту ги потврдува ниту демантира оваа информации.
12 лица се повредени во пукотници кои во текот на ноќта се случиле во Торонто, Канада. Полицијата соопшти дека осомничениот, кој носел црн дуксер со качулка влегол во кафулето и отворил оган. По пукањето бил виден како бега со сребрен автомобил.
Покрај него, се сомничат уште две лица. Меѓу повредените шестмина имаат прострелни рани, додека останатите се здобиле со повреди во турканицата која настанала по паниката. Сите повредени се на вораст меѓу 20 и 50 години но ниту еден не е во критична состојба.
Тропскиот циклон Алфред преку ноќ помина во „тропска бура“ и сега се движи кон копно, поради што властите ги предупредија граѓаните на Австралија да останат во своите домови.
Илјадници луѓе беа евакуирани, а локалните медиуми објавија дека околу 250,000 луѓе останале без електрична енергија, бидејќи силните ветрови урнале далноводи.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар