Македонија
6. February 2025 - 16:37

Утре повторно бојкот на маркетите, министерот за економија најави нови мерки

Утре повторно бојкот на маркетите. Додека граѓаните на социјалните мрежи го шират повикот под мотото „Црн петок за маркетите“, министерот за економија најави дека во следните денови ќе каже што ќе преземе Владата.

„Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Кои мерки ќе се употребат зависи од извешајот на пазарниот инспекторат. ДПИ до крајот на неделава треба да ги заврши шестмесечните контроли.

„Сега тие ги контролираат дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Кога ја вршат контролата не ја вршат само кај производителите. Целокупниот процес го контролираат“ – кажа Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

И премиерот Мицкоски вели дека го разбира граѓанскиот револт за бојкот. Ги повика на дијалог производителите, дистрибутерите, маркетите и потрошувачите за, како што рече, да нема ескалалации и поголеми последици.

„Јас сум еден од потрошувачите и да понекогаш сум револтиран кога плаќам исти производи по повисока цена од тие цени коишто се во соседството. Имаме и други проблеми, какошто се друг тип на трговци, со друг тип на производи, какошто се лекови, бела техника итн., коишто продаваат производи ако се споредат со тие од околината се некогаш два до трипати поскапи.Тоа е невозможно да е последица на лоша зделка или последица на некои царински давачки или на нешто друго.Прашањето е колку е доста има ли доста?“- изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Од Сојузот на стопански комори, пак, тврдат дека супермаркетите не се одговорни за поскапувањето. Нивната анализа покажала дека маркетите не ги зголемуваат цените самостојно, туку поради новите ценовници од производителите или добавувачите.

„Само во месец јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 добавувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Дури и најпрофитабилниот супермаркет не е ни блиску до профитабилноста на водечките производители. Некои супермаркети дури и работат со загуба“, пишуваат од ССК.

Бојкот на маркетите имаше и минатиот петок. Тогаш прометот им беше речиси преполовен.