Македонија
30. September 2024 - 12:15

За еден ден домаќинките од Општина Босилово подготвија 220 килограми ајвар

Во еден ден домаќинките од општина Босилово направија 220 килограми ајвар. Во подготовката учествуваа триесетина жени кои за овој традиционален деликатес претходно испекоа околу половина тон пиперки. Целиот процес се одвиваше на едно место, а беше во рамки на манифестацијата Ајверијада која втора година ја организира општината Босилово со цел да го промовира и и поттикне производството на популарната ајварка и сите специјалитети што може да се направат од неа. Се правеше секаков ајвар по рецепти кои се пренесуваат со генерации.

И додека на едната страна се подготвуваше ајварот, на друга вештите домаќини потсетија на традиционалното пржење чварки, подготовка на домашни колбаси во комбинација со традиционалниот грав.

Градоначалникот на Босилово вели основната цел е промоција на регионот и една од нај препознатливите градинарски култури, да се направи врска помеѓу производителите и купувачите, но и да се потсети на дел од македонската традиција и специјалитетите кои се чуваат со генерации.

Освен вкусниот ајвар, големиот број посетители имаа можност да вкусат и разновидни други специјалитети, но и ка купат разновиден зеленчук, и повеќе видови на мед.