За Водици се очекуваат голем број посетители
Најмасовната културно верска манифестација Богојавление Водици и оваа година ќе биде организирана на највисоко ниво, како што му доликува на еден духовен и туристички центар. Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од градското пристаниште, а чинот на полагањето ќе го изврши Митрополитот тетовско –гостиварски Јосиф.
Во сите цркви веќе е започнато пријавувањето на капачите кои сакаат да бидат дел од настанот. До сега покрај охриѓани, своето учество го пријавиле и голем број верници од други градови на Македонија.Истиот ден во 12 часот на месноста Сараиште ќе биде организирано и групно крштевање во Охридското Езеро.
Градоначалникот Пецаков вели дека Охрид изминатиов период е континуирано посетуван од туристи, а така се очекува да биде и за празникот Водици.
Како дел од подготвителните активности охридските нуркачи утре ќе спроведат чистење на дното од Охридското Езеро, на просторот каде ќе се одржува фрлањето на Светиот крст. Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и украсување на градот.
-
Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар