Живот
13. October 2023 - 12:27

Еко активизам во Градско

Младите од ООУ „Даме Груев“ од Општина Градско преку проектот „Еко Пријатели“ учеа за еко активизмот и за тоа колку е важно да се чува животната средина. Низ серија едукативни работилници наставниот кадар од училиштето ги обучи младите како да управуваат со отпадот и како истиот да го селектираат. Младите пак преку ЕКО ХЕПЕНИНГ во кој вклучија изведба на еко химна, испраќање на еко пораки, еко претстава и модна ревија со разни рачни изработки од рециклирани материјали покажаа зошто ни е потребен еко-активизмот и што секој од нас и сите ние заедно треба да направиме за да ја зачуваме животната средина.

„Во рамките на овој проект во нашето училиште се одржаа работилници, а целта на тие работилници беше за учениците од најмалата возраст да им помогнеме и да ги насочиме како правилно да го селектираат отпадот и на тој начин ќе го намалиме нивото на отпад во нашата животна средина, како би имале поздрава и почиста околина во местото каде живееме“, истакна Ели Неделкоска, наставник во ООУ „Даме Груев“ - Општина Градско.

„Во рамките на еко проектот нашето училиште денес одржа завршна манифестација, одржа еко хепенинг во кој учениците од прво до деветто одделение упатија јасна порака како да се грижиме и како да ја чуваме животната средина. Завршната манифестација беше со прекрасна модна ревија на која беа изработени најразлични маски, истите беа изработени од рециклиран материјал со кој учениците прекрасно ни се претставија“, рече Маја Милосављевиќ, наставник во ООУ „Даме Груев“ - Општина Градско.

Идејата на проектот е подиугнување на јавната свест секој од нас да се грижи за животната средина, затоа што немаме резервна планета.

„Ние младите треба да се вклучиме поактивно за да ја зачуваме подобро планетата Земја, треба да ги рециклираме сите отпадоци и да не ги фрламе“, вели Анастасија Самандова, ученик во ООУ „Даме Груев“ - Општина Градско.

„Ние со образованието учиме како да го селектираме отпадот и да рециклираме“, кажа Ана Марија Петрушева, ООУ „Даме Груев“ - Општина Градско.

Проектот го спроведе Мрежата на ЛАГови во соработка со основното училиште, а со поддршка на Министерство за животна средина.

„Освен едукативните работилници и еко хепенингот, во име на ООУ „Даме Груев“ беше донирана една конструкција во форма на срце, место каде ќе се собираат пластични капачиња. На тој начин уште од мали ќе учиме како да селектираме отпад и како понатаму ќе може да се вклучиме во различни активности насочени кон подобрување со управувањето со отпадот и заштита на животната средина“, изјави Марина Тошеска, Мрежа на ЛАГови.

Од училиштето истакнаа дека и понатаму ќе продолжат да спчроведуваат еко активности во соработка со Мрежата на ЛАГови кои ќе бидат насочени кон управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.