Македонија
26. February 2024 - 16:45

20 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски

„Никој од вас не прашува кој се проблемите на оваа влада и на оваа држава. Многу убаво вие следите од далеку во Шведска ги следите настаните.Јас ќе ви предложам нешто конкретно: пратете 100 авиони на скопскиот аеродром и пренесете ги во Стокхолм.“ – и по 26 години, ова ќе остане најпопуларната изјава на поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, а тогаш заменик министер за надворешни работи. Неговата изјава го возвиши во светот на политиката, коментирајќи ја бегалската криза во Македонија во 1999 година, кога Македонија беше критикувана како се справува со бегалците, притоа без никаква меѓународна помош.

Денеска се одбележуваат две децении откако поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски заедно неговите соработници и авионскиот екипаж трагично го загубија животот откако им се урна авионот близу Мостар, на пат на меѓународна конференција.

И по дваесет години негови сограѓани од Струмица, но и од други градови низ Македонија го памтат 26 февруари 2004 година, кобниот ден кога слушнале за трагичната смрт на вториот претседател на независна Македонија.

Иако неговата смрт и на неговите соработници и екипажот во авинот се препиша на неколку грешки на пилотите, сепак и по дваесет години, некои од роднините на загинатите ќе кажат дека се уште се сомневаат дека се работело за атентат.

Во чест на претседателот Борис Трајковски, денеска во алејата на великаните на гробиштата во Бутел, свежо цвеќе положија неговата сопруга и деца, претседателот Пендаровски кој воедно и беше негов соработник во тогашниот кабинет, собранискиот претседател Јован Митревски, делегација од Владата, но и други министри, градоначалници и здруженија.

Почит оддаде владина делегација и во местото Ротимље, близу Мостар каде се урна авинот, а таму денеска отпатуваа министерките за култура и животна средина, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова.

И во неговата родна Струмица на спомен обележјето почит оддаде владина делегација која ја предводеше министерката Тренчевска.

Граѓани организираат и пешачки тури од Струмица до Скопје, веќе 19 години по ред за да му оддадат почит на загинатиот претседател и неговите соработници, а вечерва ќе се организира и комеморијален настан во Македонската опера и балет.