Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во Македонија за поддршка на референдумот
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Матис се очекува да се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а потоа е предвидено заедничка изјава за медиумите.
За делегацијата на САД предводена од Матис ќе биде организиран свечен пречек на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и на платото пред Владата на Република Македонија.
Американскиот секретар за одбрана Матис минатата недела најави дека ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.
- Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.
Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес во Македонија.
- Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до САД, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација, рече тој.
Прв пат во изминатите 14 години американски секретар за одбрана ќе ја посети Македонија.
- В понеделник во посета ни доаѓа првиот човек на Пентагон, првиот човек на најмоќната армија во светот Џејмс Матис, што се случува првпат во последните 14 години. Заборавивме како изгледа посета на министер или секретар за одбрана на САД, иако оваа држава е наш стратешки политички и воен партнер. Тоа покажува колку е голем интересот за нас и поддршката за она што ние го сработивме во последната година, изјави министерката Шекеринска.
Ново на Сител
-
Првични резултати од прегласувањето на парламентарните избори
-
Ковачевски поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ
-
ЦУК: Поплавени дворови и подрумски простории во Драчево
-
Авион принудно слета на аеродромот во Тирана, патник се обидел да се самоубие
-
ДСЗИ изврши надзор на Токсикологија, склучените договори за работа се со потпис на еден директор
-
ДИК: Излезноста до 13 часот е 25,48 проценти, поголема во однос на 8 мај
-
Умерен земјотрес во Романија
-
Говор на омрза врз срцето со македонско знаме и букви на натписот Гостивар