Македонија
23. July 2024 - 16:52

Ангелов го посети командирот на ТППЕ-Штип кој при гаснење на пожар ги скрши двете раце

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов попладнево го посети командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов, кој синоќа при гаснење на пожарот на старата штипска депонија меѓу населбите Пребег и Мерите се здобил со скршеници на двете раце.

Ренџов вели дека по завршување на гаснењето на пожарот на планината Серта добиле дојава за пожар на старата депонија.

-Во еден период кога се расчисти чадот, видов дека е запалена сува трева и огнот оди кон борвата шума и за да не ја зафати пробав да се симнам низ долот, кој е со карпи и стрмен дел. Во еден момент со левата нога пропаднав во дупка и изгубив контрола, по што почнав да паѓам. При паѓањето наидов на карпа, вели Ренџов.

Тој појаснува дека за да не удри во карпата со главата, инстиктивно ги ставил двете раце на главата и кога удрил почуствувал силна болка. На  Ренџов веднаш му помогнале колегите, по што бил транспортиран во штипската Клиничка болница.

Директорот на ЦУК, Ангелов вели дека командирот на ТППЕ-Штип, Ренџов е херој, бидејќи заедно со неговите колеги не дозволиле огнот да се прошире кон боровата шума, но и бачилото со 250 овци. Во гаснењето на пожарите повреден и е пожарникарот Александар Маролов од ТППЕ-Штип, а кој е со скршеница на левата рака.