Македонија
22. September 2024 - 16:52

Aнгелов: Законот за бранители на Славјанка Петровска е кукавичко јајце кој во реалноста не може да се спроведе

Законот за бранители коj го поднесе пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во реалноста не може да се спроведе. Лидерот на Достоинство вели дека ова законско решение ни одблиску не е исто со она кое партијата го поднесе пред изборите и со кое се бара обештетување на 15-тина бранители и 10-тина воени инвалиди. Ангелов останува на ставот дека ониe кои ја нападнаа државата во 2001вата, не може да се израмнат со оние кои ја бранеа.  

Законот за бранителите е заглавен во собраниската комисија која ја предводи пратеничка на Европскиот фронт и таму ќе остане, вели и првиот вицепремиер и еден од четворицата лидери на владиниот партнер Вреди. Во интервју за Радио слободна Европа, Меџити тврди дека ова законско решение е во насока на обидот на СДСМ и ДУИ да ја дестабилизираат државата. 

- Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат, тврди Меџити.

Албанските партии овој закон го условуваат со донесување на законско решение и за припадниците на УЧК. Претходно од владејачката ВМРО-ДПМНЕ посочија дека со коалицискиот партнер Вреди немаат разговарано ниту за бранителите, ниту за припадниците на УЧК. Премиерот Мицкоски повеќепати посочи дека бранителите ја имаат и ќе ја имаат неговата поддршка.