Ангелова победи на изборите за ректор на УКИМ - поените од институтите пресудија во трката
По тесна битка и јасна поларизација меѓу различните факултети и институти, победник на изборите за ректор на УКИМ е актуелната ректорка д-р Биљана Ангелова. Со разлика од околу 300 поени, Ангелова издвои победа од вкупниот број преработени гласови од сите 28 единици на УКИМ.
Според објавените резултати таа има 2924.125 поени, додека нејзиниот противкандидат д-р Дарко Данев 2675.875.
Бројките покажуваат интересна динамика во академската заедница. Додека Данев доминира на големите технички факултети, медицинскиот, правен и економски, Ангелова ја обезбеди поддршката од институтите и дел од факултетите за општествени и уметнички науки.
Од запишаните 1434 гласачи на избирачките списоци на единиците, гласале 1286 члена. 148 гласачки ливчиња биле неискористени а 59 се неважечки.
Иако Ангелова е победник на хартија според изборниот модел на гласање, бројките од записниците покажуваат дека Данев е всушност победникот според бројот на индивидуални гласови од гласачите.
663 гласови за Данев, додека за Ангелова 565 гласови.
По овие избори веројатно ќе се отвори дебата за изборниот модел на УКИМ, каде поените од малите институти можат да го надгласаат мнозинството на големите факултети.
Гласањето се одвиваше во просториите на факултетите од 12 до 14 часот, а право на глас имаа редовните и вонредните професори, доцентите, како и по двајца претставници од студентите кои се дел од наставниот совет на високообразовните институции.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
