Македонија
13. March 2018 - 13:08

Анкета: МПЦ и ИВЗ имаат влијание врз политиката

Двете најголеми верски заедници во Македонија, МПЦ и ИВЗ, имаат влијание врз политиката, покажува анкетата на Фондацијата Конрад Аденауер спроведена во соработка со Институтот за политички истражувања - Скопје и Молитвеникот за информации „религија.мк“.

На прашањето дали има и колкаво е влијанието на МПЦ-ОА врз политиката, 33 отсто од испитаниците одговориле дека има големо влијание, додека на истото прашање за ИВЗ, 46,2 процента рекле дека ИВЗ има големо влијание.

Според повеќето анкетирани граѓани, влијанието на ИВЗ врз одредени аспекти на политиката е поголемо од тоа на МПЦ.

- Сепак, не може да се заклучи дека ИВЗ е повлијателна од МПЦ во политичките процеси на Македонија на генерално ниво, туку дека влијанието на ИВЗ врз политичкиот сегмент во кој се вклучени муслиманите е поизразено отколку на МПЦ во политичкиот сегмент во 
кој се вклучени христијаните, велат од „Конрад Аденауер“. 

Во врска со градењето верски објекти во Македонија, 75,9 отсто оцениле дека има доволно, а 44,6 проценти дека храмовите се повеќе во функција на обележување територии на влијание.

Вкупно 89,1, сметаат дека МПЦ не треба да отстапи од барањето за автокефален статус и целосна еднаквост со другите цркви, додека на прашањето која би требало да биде првата црква која ќе го признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА, 42,1 отсто ја посочиле Српската наспроти 18,6 отсто кои биле за Бугарската.

Вкупно 76 проценти сметаат дека ИВЗ успева да го зачува традиционалниот ислам во Македонија, 56,9 отсто ја одобруваат регистрацијата на Бекташите во Кичево и сметаат дека на Бектешите од Тетово треба да им се дозволи регистрација, додека 55,7 отсто се противат на оваа идеја.

На прашањето дали покрај државата и верските заедници би требало да отвораат домови за деца без родители или болници за социјално загрозени, 81,2 отсто одговориле потврдно, а 10,8 биле против.

- Овие резултати покажуваат дека граѓаните ги поддржуваат социјалните и хуманитарните активности на верските заедници во општеството, заклучува фондацијата.

Во анкетата, 74,8 отсто се изјасниле како православни христијани, 22,2 како мулсимани, 0,5 католици, исто толку како припадници на други религии, а 1,9 отсто како атеисти.

Анкетата на тема „Религија-Политика-Општество: Влијанието на религијата во политиката и ппштеството” е спроведена телефонски, на национално ниво, во јануари 2018 година. Опфатила 1.107 испитаници, а е трето истражување на  Фондацијата „Конрад Аденауер“, Институтот за политички истражувања - Скопје и „религија.мк“. Во претходните две истражувања се испитуваше степенот на религиозноста на населението и употребата на религијата во политички кампањи.