Македонија
27. November 2015 - 12:31

Апел да не се краде и уништува опремата на „Водовод“ Кочани

Со зачестените кражби и уништување на урбаната опрема на комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани се нарушува хигиената во делови од градот, а претпријатието трпи големи загуби, информира денеска раководството и апелира граѓаните да ја чуваат и да не ја уништуваат опремата.
 
- Во изминатите месеци КЈП „Водовод“ претрпе големи материјални штети во работењето на работните единици „Комунална хигиена“, „Градско зеленило“ и „Водовод и канализација“. Украдени се 70 метри метални тезги од градскиот пазар, а оштетени се и 98 контенјери. Направена е материјална штета и кај градското зеленило при што се украдени 78 зимзелени и листопадни дрвца,  како и над 500 разновидни цвеќиња и трендафили, истакна на прес-конференција Александар Ефтимов, технички директор на кочански „Водовод“.
 
Според Ефтимов, во работната единица „Водовод и канализација“ оштетена и украдена е санитарна опрема во градскиот пазар и тоа четири хидранти, 10 славини и два водомера.
 
Од „Водовод“ информираат дека направената штета се санира во одделни делови на градот, а за  направената материјална штета претпријатието ќе излезе со целосна информација.