Априлските изведби на мјузиклот „Тајно моја“ со хуманитарен карактер

Трите изведби на мјузиклот „Тајно моја“ кои поради голем интерес од публиката Македонската опера и балет ќе ги изведе повторно на 19-ти, 20-ти и на 21 април, ќе бидат бесплатни за три категории деца.
МОБ соопшти дека им овозможува бесплатно да присуствуваат на претставите на децата од Заводот за деца со оштетен вид (19 април), учениците од две основни училишта од Крушево, родното место на Тоше (20 април), а на 21 април мјузиклот ќе го погледнат учениците од Средното музичко училиште во Битола, каде што Тоше ги помина своите средношколски денови и ги направи првите чекори во музичката кариера. Покрај тоа што ќе го следат настанот, децата ќе имаат можност и да се запознаат и да се дружат со актерите и пејачите од мјузиклот.
- На овој начин, мјузиклот „Тајно моја“ добива и хуманитарна димензија, а Македонската опера и балет со овој чекор ја продолжува мисијата што беше идеја-водилка на Тоше во текот на целиот негов живот, и продолжува да го слави споменот на него.Тоше во текот на целиот свој живот и кариера ја одушевуваше публиката со својот глас, но и со своето огромно срце и хуманост, постојано помагајќи и носејќи им радост на сите на коишто им е најпотребна, информира МОБ.
Мјузиклот „Тајно моја“ премиерно беше изведен на 24 март. Македонската опера и балет во копродукција со фондацијата „Тоше Проески“ го постави во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески, на десетгодишнината од неговата прерана и трагична смрт.
- Мјузиклот ја следи приказната на модерните македонски „Ромео и Јулија“. Време кога љубовта ги милува и освојува срцата преку нотите и стиховите на Тоше Проески, време кога се прашуваме дали љубовта и музиката се доволно моќни за да го спасат светот. Другарството, пакоста, алчноста, осаменоста, желбата за успех, стравот, а најмногу надежта и љубовта се теми кои провејуваат во ова музичко-сценско дело базирано на голем број музички хитови на Проески, облагородени во нови оркестарски аранжмани на Сони Петровски и Кокан Димушевски, соопшти МОБ.
Во претставите на 19-ти и на 21 април главните улоги ќе ги толкуваат Антонија Гиговска и Александар Тарабунов, а на 20 април Гиговска ќе настапи со Денис Димовски.
Во останатите улоги се: Сара Гигова, Весна Петрушевска, Игор Џамбазов, Десанка Глигоријевиќ, Тони Михајловски, Тања Бојковска, Мила Николовска, Ристе Гавровски, Симеон Коруноски, Лазе Манасковски, Симон Манасковски, Марија Спасовска, Андреа Георгиевска, и Калеша Џангаловска Настапуваат Оркестарот, Хорот и Балетскиот ансамбл на МОБ, а диригент е Иван Еминовиќ.
Ново на Сител
-

Две лица загинаа во пад на мал авион на Велебит во Хрватска
-

МВР: Синоќа изречени 262 санкции за сообраќајни прекршоци во Скопје, шест возачи лишени од слобода
-

АМСМ: На Табановце за влез и излез во земјава и на Богородица за излез се чека од 40 минути до еден час
-

Активни девет пожари, два се под контрола, а 16 се изгаснати
-

САД и Канада не успеаја да постигнат трговски договор, канадскиот премиер најави контра царини за Вашингтон
-

Вирусот Западен Нил се шири низ Европа, најмногу случаи во Италија и Грција
-

Шеснаесет маратонци денеска ќе пливаат на 39. Охридски пливачки маратон
-

Одбележување на 25-годишнината од формирањето на ЕБР
