Балкан
9. January 2025 - 16:41

Бајден пред заминување ги заостри санкциите кон Западен Балкан

Американскиот претседател во заминување ги заостри санкциите кон Западен Балкан. Бајден донесе извршна уредба според која на црната листа на САД, покрај брачните другари и децата на корумпираните, ќе се најдат и сите кои помогнале во корупциските активности или се обиделе да ги загрозат мир и безбедноста, територијалниот интегритет на земјите од регионот и да ги поткопаат демократските институции или мировните договори.

Санкции ќе можат да се воведат за секој кој е одговорен или е соучесник во прекршувањето или во чин што го попречува или загрозува спроведувањето на кој било договор за регионална безбедност, мир, соработка или заемно признавање или претставува значителен ризик за извршување на такво дело поврзано со Западен Балкан. Ова ги вклучува и Договорот од Преспа од 2018, Охридскиот рамковен договор од 2001, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Дејтонскиот договор“, стои во указот на Бајден, кој како причина за засилените мерки ги наведува обидите на поединци за дестабилизација на земјите од регионот и да ги поткопаат потпишаните мировни договори.

Во име на Владата, уредбата ја коментираше министерот Таравари. Вели дека Владата ги почитува сите потпишани договори, па оттаму треба да се плашат само оние кои се вмешани во корупција.

Според поранешниот амбасадор Васко Наумовски проширувањето на опсегот на лица кои можат да се најдат на американската црна листа е уште еден доказ дека според САД корупцијата е најголем проблем за развој на Западниот Балкан и испраќа порака до сите лидери од регионот.

Американските санкции предвидуваат забрана за влез во  САД, замрзнување на имотите и финансиските средства и ограничување на бизнис активностите со американски компании. На оваа листа се над 60 лица од Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, од нив 13 се македонски државјани.

Последни таму се најдоа поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети, кои на американска црна листа им се придружија на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, екс премиерот Груевски, струшкиот градоначаник Рамиз Мерко. Американската амбасадорка Агелер пак повеќепати потенцираше дека листата е отворена и за нови имиња.