Македонија
14. December 2015 - 13:06

Бактериолошки неисправна водата во Неготинско и Демиркаписко

Бактериолошки е неисправна водата за пиење од селските водоводи во неколку села од Неготинско и Демиркаписко, информираше денеска раководителот на организациската единица Неготино при Центарот за јавно здравје Велес, доктор Иванка Тодоровска.

- Последните земени мостри покажаа зголемување на вкупниот број на бактерии, присуство на ешерихија коли и колиформни бактерии во водата од водоводите во селата Чифлик, Дрен, Корешница, Војшанци, Тремник, Бистренци, Црвени Брегови, Горни и Долни Дисан и Вешје, соопшти Тодоровска.

Таа нагласи дека имаат неколку предлог-мерки за решавање на проблемот. Потребно е, како што рече, санација и чистење на водоводите и редовно хлорирање на водата за пиење во овие села. 

Докторката Тодоровска кажа дека исправна за пиење е водата од градскиот водовод во Неготино, од регионалниот водовод Лукар, која се користи и во неколку села.