Бејли: Македонија со реална можност наскоро да стане дел од НАТО
Реалната можност Македонија наскоро да се приклучи кон НАТО е најголемата разлика кога зборуваме за земјата денеска во споредба со минатото, порача американскиот амбасадор Џес Бејли денеска на трибината „НАТО и ти“, организирана од Министерството за одбрана, Евроатлантскиот совет на Македонија (АТА-Македонија), НАТО Канцеларијата за врски и Хрватската амбасада по повод Денот на Алијансата – 4 Април.
- Што значи членството во НАТО за Македонија и за нејзините граѓани? Тоа значи дека ќе бидете сојузници, а не партнери, пријател, сосед со останатите земји членки. Денеска кога се одбележуваат 69 години од потпишувањето на Вашингтонскиот договор нагласи дека Алијансата е сојуз што се заснова на почитување на човековите прва и слободи, демократијата и владеењето на правото.
Според Бејли, ниското ниво на владеењето на правото земјата ја први ранлива за корупција, но и за внатрешни и надворешни непријатели.
Додаде дека влезот во НАТО ќе помогне да се надминат внатрешните политички поделби во земјата. Нагласи дека е потребно системските реформи што се воведуваат во Македонија да не останат само на хартија, односно законите што се носат во Парламентот понатаму практично да се имплементираат.
На трибината се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која напомена дека членството во НАТО е од особено важност поради тоа што земјата ќе стане дел од светски најмоќниот економски сојуз што ја негува демократијата и е гарант за безбедноста за неговите членки. Напомена дека на листата на земји со највисок квалитет на живот од вкупно 10, првите осум се членки на НАТО.
Шекеринска додаде дека влезот во НАТО ќе го овозможи непречениот економски напредок на земјата, а ќе биде гаранција за нејзината натамошна демократизација.
-Изминатите 10 месеци покажавме дека демократското ткиво во Македонија не е загубено. Доколку ги вклучите телевизорите повеќе нема да видите пропаганда. Владата не бега од дискусии и воведува политика на транспарентно работење, рече министеркта за одбрана.
Министерот за финансии Драган Тевдовски пред учесниците на трибината нагласи дека безбедноста и сигурноста во одредена земја се основа за зголемување на интересот на инвеститорите за неа и додаде дека токму со влез во НАТО ќе има подобрување во овој процес. Како пример ги наведе земјите од соседството, односно Албанија и Бугарија, и разликите во висината на странските инвестиции во нив пред и по влезот во Алијансата. Нивото на странски инвестиции во Албанија пред влезот во НАТО изнесувал околу пет проценти, а по влезот се зголемил на девет, дополни тој.
Хрватската амбасадорка во Македонија Данијела Баришиќ направи паралела меѓу двете земји во однос на нивната евроатлантска интеграција, нагласувајќи дека Македонија и Хрватска делат иста историја и менталитет, двете имаат иста аспирација – влез во ЕУ и НАТО, нешто што нејзината земја веќе го оствари.
Баришиќ истакна дека пред девет години кога Хрватска стана членка на НАТО околностите биле многу поинакви од денес, оти заканите сега се поинакви. Напомена дека Хрватска всушност во НАТО гледала гарант за својата безбедност со оглед на тоа што земјава во деведесеттите години од минатиот век се соочи со граѓанска војна. Политичката и економската стабилност е нешто по што првично е оценувана Хрватска на патот кон НАТО, а не модернизацијата на воените сили, рече Баришиќ, чија амбасада е всушност канцеларија за директна врска на Македонија со Алијансата.
Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје морнаричкиот капетан Горазд Бартол даде краток историјат за функционирањето на Алијансата, за нејзината континуирана трансформација во обидите да се прилагоди за новите предизвици. Напомена оти од 2001 година по терористичкиот напад на 11 септември НАТО е влезена во фаза на кризен менаџмент. Додаде дека новонастанатите околности глобално во светот укажуваат на поврзаноста на заканите во кој било дел и оти се е поврзано. За сето тоа придонесува и новата технологија што, според него, не секогаш се употребува на правилен начин.
На трибината воведни обраќања имаа националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, претседателот на АТА-Македонија и советник за НАТО на премиерот Исмет Рамадани, како и претседателот на Светската АТА организација Фрабрицио Лучиоли.