Македонија
10. јуни 2020 - 10:17

Богоев: Среќен распуст, е-наставата ја одбележа учебната година

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев преку видео порака им го честита крајот на учебната година на ученици, наставници и родители. Тој им се заблагодари на сите за вложениот труд и напор, за реализација на воспитно – образовниот процес по електронски пат во речиси цело второ полугодие, поради Ковид – 19. Богоев истакна дека иако денеска изостана другарувањето по училишните холови и дворови, 10 – ти јуни за секое дете е еден од најсреќните денови во годината.

-Сакам да ви честитам на фактот што сте генерација која за прв пат реализираше настава по електронски пат. Речиси цело второ полугодие, учевте преку дигитални платформи и покажавте дека младите, и во време на здравствена криза, се носители на промените. Ученици и наставници, вие поставивте нов стандард во македонското образование. Ви благодарам за вложениот труд и напор, а на полуматурантите им посакувам успешен упис во средно училиште, рече Богоев.

Општина Карпош информира дека во следните денови ќе додели и награда за првенците на генерација од сите основни училишта.

Во текот на распустот, оваа единица на локалната самоуправа ќе спроведе и повеќе инфраструктурни активноси во училиштата, со цел да ги подобри условите за учење и престој.

Учебната 2019/2020 година завршува во вонредни услови. Учениците од десетте општински основни училишта, речиси цело второ полугодие спроведуваа настава по електронски пат, како резултат на прекинот на воспитно – образовниот процес поради Ковид – 19.