Македонија
2. July 2021 - 16:00

Брнабиќ: Тоа што и се случи на Северна Македонија е опасен преседан

Тоа што и се случи на Северна Македонија е опасен преседан. Билатералното прашање на интерпретација на потеклото на некој јазик или историја не е прашање кое треба да се однесува на ЕУ, изјави премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на прес-конференција во Охрид, каде учествува на Преспа форумот за дијалог.

– Ќе видиме што ќе се случува во иднина, но мислам дека тоа што и се случи на Северна Македонија е опасен преседан. Европските интеграции не смеат да се поврзуваат со билатералните прашања или ако се поврзуваат со билатерални прашања треба јасно да биде дека тоа е затоа што тие мора да се решат за да не се внесувале отворени прашања во ЕУ. Мислам дека билатералното прашање на интерпретација на потеклото на некој јазик или историја не е билатерално прашање кое треба да се однесува на ЕУ. Поради тоа мислам дека тоа е лош преседан, кој е направен и се надевам дека нема да гледаме такви преседани во иднина. Но, се плашам дека е можно дека е отворена Пандорината кутија. Но, ако така продолжат европските интеграции тоа е спротивно на сите европски вредности. Треба да се обидеме да најдеме заеднички работи, да гледаме во иднината. Овде не гледаме во минатото, туку во многу далечно минато кое при тоа е предмет на наши лични интерпретации, рече Брнабиќ на новинарско прашање коментирајќи го недобивањето датум за старт на преговори за земјава на јунскиот самит на ЕУ.

Таа изрази надеж дека ќе прашањето ќе биде надминато и дека до крајот од годината земјата ќе добие одлука за почеток на преговорите, кои ги има и тоа како заслужено, а што, според неа, е во интерес и на целиот регион.

– Искрено верувам дека регионот може да биде стабилен само ако сите заедно релативно со исто темпо напредуваме кон ЕУ и доколку не се прават огромни разлики, рече премиерката на Србија, изразувајќи поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија и Албанија.

Таа посочи дека овој форум е потсетување на Преспанскиот договор на тоа дека дијалогот е важен и помогна да се најде решение на едно комплексно и тешко прашање меѓу Скопје и Атина и оти дијалогот нема алтернатива.

Во однос на европската перспектива на земјите од Западниот Балкан, фокусот, според неа, е на тоа што можеме заедно да сработиме за подобрување на квалитетот на животот на жителите на регионот. Една од најдобрите работи, смета Брнабиќ, е укинувањето на роаминг тарифата, и во целиот овој регион цените се практично како дома.

– Тоа е нешто што токму ние го постигнавме во рамки на регионалната соработка со помош на ЕУ и на Советот за регионална соработка. Постојат уште многу работи кои ние можеме и мораме да ги постигнеме за овој регион да биде не само поподготвен за евроинтеграциите, туку и луѓето да живеат подобро и поквалитетно, и пред се да им покажеме на нашите млади луѓе дека е можна поинаква иднина, дека регионот има јасна перспектива и дека ние сме способни да бидеме прагматични, да ги оставиме на страна некои тешки политички прашања и за нив да разговараме на некој друг форум, а кога ќе се сретнеме вака да разговараме за работи кои не се многу поврзани со политиката, туку со квалитетот на животот, рече Брнабиќ.

Таа најави дека се враќа во Белград и оти попладнево ќе продолжат разговорите за Мини шенген – Србија, Северна Македонија, Албанија на кои ќе учествува и претседателот на Србија Александар Вучиќ, на кои ќе стане збор за конкретни проекти кои можат да бидат имплементирани.