Најзагадениот град во светот ги полни амбулантите со пациенти
Скопјани и денеска се разбудија во смог. Главниот град е на високото шесто место најзагадени градови во светото. Метрополата се гуши уште на почетокот на грејната сезона. Аерозагадувањето ги полни амбулантите, деца и возрасни секојдневно се јавуваат на лекар со респираторни заболувања. Лекарите велат клиничката слика кај сите е различна, но во суштина од истите причини се јавуваат потешкотии.
Проблемот е системски ќе кажат институциите и организациите кои се борат за почист воздух, но решение се уште нема. Загадувањето е тема која секоја зимска сезона е број еден за политички препукувања. Пред неколку дена премиерот најави дека аерозагадувањето ќе се решава преку набавка на когенеративни системи, денеска опозицијата обвинува дека не само што истите не биле предвидени во буџетот.
„Во предложениот Буџет за 2025 година, парите за заштита на животната средина се намалени за цели 25%, парите за квалитет на воздух се намалени за 51% а парите за развој на енергетиката се намалени за 41%. Ниту најавената гасна конгенеративна централа и ветената инвестиција од 1 милијарда евра ја нема во предложениот буџет''.
И додека со години се бара решение за почист воздух, за граѓаните останува препораката да ја ограничат физичката активност на отворено, а по последните истражувања тие треба да се внимателни бидејќи воздухот е загаден и во затворените простории.
Податоците на СЗО покажуваат дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе ширум светот секоја година. Но ниту во Македонија не е поразлично- загадениот воздух на годишно ниво убива околу 17% од популацијата.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар