Македонија
21. January 2021 - 20:03

Царовска: Никаде не пишува дека македонската историја нема да се изучува

Министерката за образование и наука, Мила Царовска во гостувањето во Тема на денот во Дневникот на Сител за нацрт-концептот за основно образование рече дека со наставниците дошле до заклучок дека стравот од реформи мора да се надмине.

-Најлесно е како министер да седите и ништо да не поместите. И сите ќе дојдат и ќе ви речат „Браво“. Зошто? Зашто никого не сте извадиле од комфорната зона. Оваа реформа значи поместување на целиот образовен систем во една сосема поинаква, современа димензија зошто интеграцијата не е непозната за нашиот систем. Околу тоа, можеме сите да се согласиме. Од прво до четврто одделение имаме интеграција на овие предмети, рече Царовска.

Појаснува дека првачињата уште од следната година ќе учат според новата концепција. Во однос на предметот „Историја“ уверува дека тој ќе се изучува, но интегрирано со други предмети.

-Никаде не пишува дека македонската историја нема да се изучува. Никаде тоа не стои во концепцијата. Вели – да се изучуваат предмети. Македонскот јазик секако е предмет. И „Историја“ останува како модул. Интеграција не значи инфузирање, интеграцијата значи модуларно поставување на секоја научна дисциплина и интеграција врз основа на теми што укажува програмско пристапување кон секое делче кое што го учиме за одредена тема, рече Царовска, додавајќи дека притоа секој ученик ќе добие оценка и по „Географија“, и по „Историја“ и по „Граѓанско образование“.