Балкан
22. July 2019 - 12:29

Чавушоглу: Почнуваме воена операција доколку во северна Сирија не се воспостави зона на безбедност

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу денеска изјави дека доколку не се воспостави одамна планираната зона за безбедност во северна Сирија и доколку не запрат заканите кон Турција, тогаш Анкара ќе преземе воена операција источно од реката Еуфрат, јавија британските медиуми, повикувајќи се на интервју на Чавушоглу за турската телевизија ТГРТ Хабер (TGRT Haber).

Турција разговара со американските претставници за воспоставување зона за безбедност крај нејзината граница во североисточна Сирија, регион во кој САД ги поддржуваат курдските Сили за заштита на народот, кои, пак Анкара ги третира како терористичка организација.

Чавушоглу во интервјуто изразува надеж дека на денешните разговори со американскиот специјален претставник за Сирија, Џејмс Џефри, кој е во посета Анкара, ќе се постигне спогодба.

Турција ќе преземе соодветни мерки во случај САД да наметнат санкции врз Анкара заради купувањето на рускиот ракетен систем С-400, изјави Чавушоглу. Тој кажа дека американскиот претседател Доналд Трамп не сака да наметнува санкции и дополни дека не очекува ниту американската администрација да преземе таков чекор.