Македонија
24. May 2024 - 9:05

Честитка од Љупчо Димовски, претседател на СПМ по повод 24 мај

Придобивките од безвременското дело на големите браќа Свети Кирил и Методиј се трајниот белег длабоко врежан во помнењето на нашиот народ. Тоа дело го претставува универзалниот македонски културолошки код.

Вредниот дар на писменоста со кој светите Кирил и Методиј го благословија нашиот народ не задолжи вечно да ги спомнуваме и славиме нивните имиња како духовни татковци на нашата цивилизација.
Нивното дело е пресвртница во историјата на многу народи, а наша гордост е што неговите творци потекнуваат и се дел од нас и од овие наши простори.
Глаголицата која тие ја создадоа е темелот врз кој е градена културата на македонскиот народ и на многу други словенски народи низ Европа. Таа е толку важниот прототип кој ни овозможил да се изразуваме, да твориме и да ја запишуваме нашата историја.

Како што животите на македонските и сесловенски просветители инспирирале бројни идни преродбеници, светители и просветители така тие животниот труд на светите браќа го воздигнале во височините на бесмртноста.
Така и денешното потсетување на нивното дело нека претставува неисцрпна инспирација и поттик за нас.
Угледувајќи се на нивните достигнувања, со неизмерната љубов кон својот народ и Татковина да го продолжиме нивното дело преку постојаното градење и развој на Република Македонија и на културата препознатлива за нашиот народ.

Во книгите е запишано и врежано е во нашето помнење дека ние Македонците сме гордите наследници на светите Кирил и Методиј и дека ние сме тие кои се предодредени и почестени да го чувааме нивното завештание, да вложуваме во сопственото образавание и да ја продолжиме нивната света мисија.

Во името на Социјалистичката партија на Македонија и во свое име до македонскиот народ, православните верници и просветните работници упатувам искрени честитки за светлиот 24 Мај, Денот на македонските и сесловенски просветители и учители Свети Кирил и Свети Методиј.

Љупчо Димовски,
Претседател на СПМ мај