Членовите на Судски совет прво ќе анализираат па дури потоа ќе кажат дали ќе си поднесат оставка
Петмината членови на Судскиот Совет ги добиле интерпелациите, но сѐ уште ги анализираат пред да донесат конечен став за оставка.
Според Тања Чачарова Илиевска, во интерпелацијата за неа се зборува за колективна одговорност.
-Она што ми падна во очи е дека тоа не е интерпелација за членот Тања Чачарова Илиевска на Судскиот совет, него упатува за интерпелација на Судскиот совет. Се зборува за колективна одговорност. Јас не еднаш, во моите обраќања и на седници и во јавност кога сум зборувала, сум кажувала дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело, вели Чачарова Илиевска.
Весна Дамева, пак вели, оставката е личен чин и за неа треба да има оправдани причини.
-Во фаза сум на анализирање на причините и генерално на нејзината содржина и кога ќе го изградам мојот став, личен став, во тој момент на јавноста секако дека ќе ѝ биде соопштено. Оставката е личен чин и се поднесува оставка само во случај кога постојат оправдани причини за истото. Останувам отворена и за вас медиумите, а преку вас и јавноста да слушне кои ќе бидат идните чекори и од моја страна и од страна на Советот, вели Дамева.
Освен за Дамева и Чачарова Илиевска, меѓу петмината членови на Советот, избрани од Собранието за кои владејачкото мнозинство поднесе интерпелации се и Муљазим Мустава, кој веќе кажа дека нема намера да поднесе оставка, како и за Павлина Црвенковска и Селим Адеми.
67 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ поднесоа интерпелација. Во образложението се вели дека тие се поднесени поради негрижа, нарушување на угледот на судиите и загрозување на довербата на граѓаните кон судството.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар