Македонија
19. March 2024 - 16:41

Црната листа на САД не е пречка Стевчо Јакимовски да биде претседателски кандидат

Црната листа на САД нема да застане на патот на Стевчо Јакимовски во претседателската трка. Откако тој вчера најави дека нема намера да се повлече, од Државната изборна комисија појаснуваат дека нема ниту законски пречки.

Критериумите за избор на шеф на државата се содржани во Уставот и во Изборниот законик кои предвидуваат дека кандидатот треба да биде македонски државјанин, да има минимум 40 години и да е жител на Македонија најмалку 10 години во последните 15, посочуваат од ДИК. 

Ден подоцна не запираат ниту партиските реакции.

Лидерот на СДСМ вели дека и оваа последна црна листа е уште еден доказ дека на Македонија час поскоро и треба Законот за рестриктивни мерки. Го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски како предводник на собраниската Kомисија за надворешна политика веднаш да го стави ова законско решение на дневен ред.

- Го повикуваме пратеникот Антонио Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура. Очигледно е дека тој од некаква причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават тогаш треба да кажат од кои причини тој закон не сакаат да го стават да биде донесен во Собранието, вели Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ. 

Милошоски пак ја потсетува власта дека според Законот за меѓународна соработка во кривична материја, надлежните институции ако сакаат веднаш можат да преземат конкретни чекори против лица кои се наоѓаат на црната листа на САД. Па прашува зошто тоа не се прави? 

Стевчо Јакомовски вчера се најде на најновата црна листа на САД само неколку часа откако во ДИК ги предаде собраните 11 468 граѓански потписи за претседателската кандидатура. Подоцна преку прес конференција порача дека овој чекор го доживува како акт на насилство и директно мешање во изборниот процес за што најави и кривична пријава против непознат сторител. 

Покрај Јакимовски, поради вмешаност во значителна корупција, на листата се најде и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.