Македонија
5. January 2022 - 20:54

Даниловски: Да се заштитат повозрасните, сите други да го прележат вирусот

Инфектологот проф. д-р Драган Даниловски даде низа препораки за тоа како треба граѓаните и владите натаму да се однесуваат кон пандемијата од Covid-19 на која не и се гледа крајот, со оглед на новиот пораст на бројот на заболени и ширењето на новиот сој омикрон.

„Треба да се заштити најранливата категорија, тоа се овие лица над 75 години кои 10.000 пати се изложени на поголем ризик лошо да поминат отколку деца од 15 години. Сѐ друго треба да се пушти да го прележи вирусот или оние кои сакаат да се вакцинираат да се вакцинираат“, рече д-р Даниловски во гостувањето во емисија на ТВ Телма.

Смета дека треба да се укинат и ковид пасошите или сертификатите бидејќи, според него се бесмислени.

„Каква смисла има тоа ако јас сум вакциниран со две или три дози кога и јас го пренесувам вирусот. Во старт требаше тие изолации да се скусат на пет дена, а потоа ако се види дека премногу луѓе се заразуваат, не може половина држава да оди во изолација, кој ќе работи и со што ќе се храниме, така што ќе мора да се оди, на пошведски пристап“, оцени д-р Даниловски.

Според него, значи дека сите оние кои немаат симптоми, а се позитивни да не одат во изолација.

„Едноставно на работно место ако си позитивен стави си маска или две и продолжи со работниот процес“, дециден е д-р Даниловски.