Дебата за заедничко родителство по развод
Еднакви стартни позиции за двата родители и давање можност за исполнување на потенцијалот за родителство, спречување на дискриминацијата на децата и едниот родител и злоупотреба на едностраното родителство и општото и неразбирливо толкување на сегашниот Закон за семејство со цел запазување на правата и интересите на децата преку воведување рамноправно родителство и по развод, порачаа учесниците на денешната дебата по повод предложените законски измени во организација на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Претставникот на групата граѓани од иницијативата за воведување заедничко родителство по развој Наум Рибароски рече дека со сегашната пракса во случај на развод децата се доделуваат на само еден родител, а другиот добивав ограничено количество на време од пет до шест дена.
- Тоа што се прави сега според нас е дискриминација на децата и едниот родител без никаква причина станува родител од втор ред што е спротивно на Конвенцијата за права на деца според која децата имаат право да ги гледаат двата родители освен кога тоа е на нивна штета, нагласи Рибароски.
Според него, тие бараат укинување на концептот на доделување на детето на само еден родител при развод бидејќи Законот е општ и нема начин како да се регулираат видувањата.
– Затоа предлагаме јавна рамка што ќе биде позната и праведна за сите, нагласи Рибарски, додавајќи дека предлогот е добар за децата полесно да го пребродат разводот и да ги користат ресурсите од двата родители, како и да не претставуваат трофеј за едниот родител.
Основачот и претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ Драги Змијанац нагласи дека целта е родителите да бидат со полн капацитет родители.
- Разводот треба да биде престанок на бракот, а не престанок на родителството. Детето никогаш не треба да се стави во ситуација да избира меѓу двајцата родители, рече Змијанац, додавајќи дека овој модел подразбира и зајакнување на квалитетната комуникација меѓу родителите и спречување на трауматичното чувство кај децата поради разделбата.
Според психологот Марија Стефанова, сегашниот начин на функционирање на системот овозможува едниот партнер да настапува од позиција на моќ, а другата страна се остава без избор во позиција на жртва што на крај има трајни психолошки последици на децата.
Претходно група родители поддржани од детската амбасада „Меѓаши“ до Министерството за труд и социјална политика поднесоа Нацрт-измени на Законот за семејство со кој бараат воведување на заедничко старателство врз децата по разводот, така што двајцата родители да имаат еднакви права и обврски кон децата исто како и додека биле во брак.
Моделот на еднакво родителство и по разводот кој се предлага ќе значи поминување на еднакво време со децата на двата родители, но и еднаков удел во донесување на битни одлуки за детето, како образование, здравствена заштита, занимавање со спортски и социјални и други активности.
Ново на Сител
-
30 години дипломатски односи со Јапонија
-
Македонски шуми започнуваат со обнова на расадниците
-
Пазарите преплавени со лажен фалсификуван мед
-
Преглед на вестите од светот
-
14 загинати, меѓу нив и Македонец при уривање на бетонска конструкција на железничката станица во Нови Сад
-
Како да се заштитите од фишинг напади?
-
Тема на денот со Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ
-
По години чекање и живот во сенка, Бадема Барути доби македонско државјанство