Македонија
14. May 2016 - 14:25

Дефиле на маски во Куманово на маскенбалот „Батко Ѓорѓија"

Околу 2.500 маски учествуваа на денешната дванаесетата манифестација - маскенбал „Батко Ѓорѓија“ што се одржа на градскиот плоштад во организација на секторот за култура и фондацијата за развој на кулутрата и спортот од општина Куманово.

Дефилето на маскирани деца и ученици организирани во групни маски започна од пред централните училишта во градот, од каде тие се движеа кон главните градски улици.Како и претходните години, и годинава на маскенбалот учествуваат шесте објекти од градинките, 16-те основни и пет средни училишта, а имаше и поединечни маски.

- Годинава имаме 45 групни маски, десетина индивидуални маски и повторно имаме гости од Струмичкиот карневал, кои одлично соработуваат со кумановските средни училишта. Трочлена комисија составена од историчари на уметност, уметници ќе ги оценуваат маските во однос на инвентивноста, костимите, сценскиот настап, изјави раководителот на секторот за култура Цоки Ристовски.

Годинава од општинскиот буџет издвоени се 100.000 денари за манифестацијата, која ја отвори градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјаноски.

- Со овој маскенбал, Куманово полека се етаблира во мрежата карневалски градови. Преземаме напори во иднина да влеземе во Асоцијацијата на мрежата карневалски градови, рече Дамјановски.

На дефилето учествуваат 242 деца. Најголем дел од маските беа групни и пратија порака до пошироката јавност, а воедно ги отсликаа детските желби „Во светот на бајките“, „Цртани филмови“, „Журка во барата“, „Мали африканци“, „Весели печурки“...

Бројната публика имаше можност да ужива во шаренило од маски, принцези од сите бајки, суперхерои, африканци, виножита, бубамари, цветчиња, спортисти...