Свет
2. November 2019 - 13:27

Девет деца загинаа во Авганистан на пат кон училиште

Девет деца загинаа денеска во Авганистан кога експлодира мина додека оделе на училиште, соопшти полицијата.

– Ова подрачје е под контрола на талибанците и со оглед на тоа што безбедносните сили започнале напади за да се исчисти, талибанците поставиле противпешадиски мини – изјави портпаролот на полицијата Калил Асир.

Тој додаде дека меѓу настраданите деца, на возраст од девет до 12 години, има и четири од „талибанските семејства“.

Експлозијата се случи во североисточната провинција Такар. Во Авганистан и во сабота се оди на училиште.

Претставниците на талибанците сè уште не се огласија за злосторството.

Цивилните жртви во Авганистан годинава достигнаа рекорден број и покрај напорите на САД и талибанските бунтовници да постигнат мировен договор.