Македонија
5. April 2016 - 14:54

Димитриев се сретна со Даниелсон

Европските интеграции на Република Македонија, реформите кои се преземаат и актуелната политичка ситуација во земјата биле тема на денешната средба во Скопје на директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон, со претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев.

Како што соопшти владината прес-служба, соговорниците ја истакнаа потребата и заложбата од организацијата на фер, кредибилни и демократски избори, при што се согласија дека сите политички партии треба да покажат посветеност за унапредување на довербата во изборниот процес.

- Премиерот за спроведување на изборите Димитриев истакна дека приоритет на Владата е организацијата на фер, кредибилни и демократски избори на 5 јуни, што ќе овозможи разрешување на политичката состојба во земјата и формирање Влада која ќе може да се посвети со полн интензитет на реформите и проектите кои имаат реална корист за граѓаните, стои во сооштението.

Тој, се додава, ја истакна поддршката која Владата за спроведување на изборите ја обезбедува за потребите и барањата на Државната изборна комисија во насока на прочистувањето на избирачкиот список, и потенцираше, се вели, дека и покрај ограничениот мандат и специфики Владата, во границите на своите ингеренции, е посветена и на реализација на проектите и реформите од владината програма.

Двете страни ја истакнале и значајноста од континуираното спроведување на реформи чија цел е унапредување на стандардите и реализација на агендата за европските интеграции на нашата земја, за што и во идниот период ќе се остварува заедничка соработка. 

Даниелсон во рамки на најавените средби со лидерите на четирите политички партии, потписнички на договорот од Пржино, веќе се сретна со претседателот на ДПА Мендух Тачи.

Според Мисијата на ЕК во Скопје, Даниелсон ќе се сретне и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, и на ДУИ Али Ахмети.

По средбите најавена е изјава на Даниелсон во ЕУ-инфо центарот во 14:45 часот.

Во Брисел вчера Даниелсон имаше средба и со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој по средбата изјави дека станало збор за актуелната политичка состојба во земјата и за процесот на организирање и подготовка на предвремените парламентарни избори во Македонија закажани за 5 јуни. 

Диртекторот на директоратот за проширување доаѓа во посета на Македонија еден ден пред најавеното распуштање на Парламентот, а денеска пратениците треба да гласаат за избор на новите министри во Владата предложени од ДУИ.