Македонија
8. August 2020 - 8:54

Доминира ставот училиштата да се отворат, предлог-планот на МОН се очекува од понеделник

Министерството за образование и наука има предлог-план како ќе почне да се реализира учебната 2020/2021 година од 1 септември. Тој треба да се финализира во наредната недела, да помине на седница на Влада и да биде соопштен во јавноста. Планот содржи протоколи за сите модели на настава –  присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период.

На дваесетина дена пред почетокот на учебната година, се интензивираат дебатите што е најдобро и најсоодветно за учениците. Оние што се за физичко присуство тоа го аргументираат со слабостите на онлајн-наставата кои се покажаа од март до јуни – нееднаквост во техничка опременост, необученост за дигитални вештини, проблеми во интернет-пристапот итн, а приврзаниците на онлајн-наставата се повикуваат на  здравствената безбедност на децата, стравувајќи дека тие ќе бидат изложени на ризик од КОВИД-19, особено во средините каде што бројот на заразени е поголем.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми вчера истакна дека преовладува позитивно мислење, и во Kоординативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Сепак, се остава, рече тој, финализирање на модалитетите, уште еднаш протоколите да се разгледаат во Комисијата за заразни болести и потоа на седница на Влада  да се одлучи кој модел конкретно би се активирал за кои околности и во која епидемиолошка состојба.

Важноста од отворањето на училиштата ја потенцираше и претставничката на УНИЦЕФ во земјава  Патриција ди Џовани, која на презентација на резултати од истражување истакна дека пандемијата наметнала преориентација кон далечинско учење за децата да не изгубат од образованието и да нема застој, но дека има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта –  долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата.

– Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет, ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни при носењето одлуки за тоа кога и како училиштата повторно ќе се отворат, истакна Ди Џовани, нагласувајќи дека мора да се дејствува сега за децата да не станат, како што рече, „скриените жртви на оваа пандемија“.
 
Онлајн-анкетата на МОН, УНИЦЕФ и истражувачкиот тим на Реактор-истражување која беше објавена вчера покажува дека околу половина од анкетираните родители, директори и наставници сметаат дека треба да се продолжи со наставата во училиште од септември. Околу третина од родителите, директорите и наставниците се за комбиниран пристап во настава на далечина (комбинирање на одделенија или денови во неделата).

Речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од средното образование, како и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржале редовната настава во училница во согласност со протоколите.

За поддршка на комбиниран модел на настава во училница и на далечина  се изјасниле 36 проценти од анкетираните директори, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование, како и 35 проценти од родителите.