Свет
20. September 2022 - 11:19

Донелан: Над 250.000 лица поминаа покрај ковчегот на кралицата Елизабета Втора

Над 250.000 лица чекаа со часови во километарски редици за да поминат покрај ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора, да ѝ оддадат почит во деновите пред нејзиниот погреб во Лондон, соопшти денеска Владата на Велика Британија.

Досега само на британскиот премиер Винстон Черчил граѓаните му оддаваа почит минувајќи покрај неговиот ковчег во Вестминстерската сала во 1965 година. Тогаш покрај неговиот ковчег поминале 321.360 луѓе.

По државниот погреб вчера во Лондон, кралицата беше погребана на приватна церемонија во капелата Свети Џорџ во дворецот Виндзор. Претходно, ковчегот со нејзиното тело беше изложен во Вестминстерската сала пет дена, а граѓаните можеа да ѝ оддадат почит. Станува збор за најстариот дел од британскиот Парламент.

– Над 250.000 лица поминаа низ Парламентот, тоа е засега прелиминарна бројка, изјави министерката за култура Мишел Донелан за телевизијата Скај Њуз.

Запрашана колку погребот го чинеше даночниот обврзник, таа одговори дека не знае. Но, според неа, за Британците тоа би биле „добро потрошени пари“.

– Мислам дека никој не може да инсинуира дека нашата покојна кралица не го заслужила тоа збогување со оглед на должноста и несебичната служба што ја извршуваше повеќе од 70 години, додаде меѓу другото министерката.

Таа секогаш ја сметала кралицата како „лепак што го држи нашето општество заедно“.

Во Велика Британија денеска продолжи нормалниот живот, суспендиран на 12 дена поради комеморации за Елизабета Втора, која почина на 8 септември на 96-годишна возраст.

Медиуми пишуваат дека и покрај тоа што фотографии од кралицата и од нејзиниот погреб доминираат на насловните страни на сите британски весници, кризата со животните трошоци и социјалните движења бргу ќе се вратат во прв план.