Македонија
24. јуни 2024 - 11:37

ДСЗИ иницира формирање комисија за да се утврди дали имало пропусти во лекувањето на новороденчето од Ресен

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе иницира формирање на комисија со цел да се утврди дали имало пропусти во начинот на лекување на родилката и новороденчето од Ресен кое почина 30 часа од породувањето. 

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека на 20 јуни е извршен вонреден инспекциски надзор во битолската Болница и на Клиниката за детски болести во Скопје, како и во приватната здравствена установа „Д-р Тони“ во Битола. 

Од увидот во неонатолошката документација е констатирано дека новороденчето било доносено и при раѓање имало ливидна кожа, ослабен тонус, ослабени рефлекси и брадикардија. 

- Веднаш е направена аспирација, вештачка вентилација, тактилна стимулација и срцева масажа. Ординирана е терапија, направени се лабораториски анализи (крвна слика и ацидобазен статус) на ден 14.06.2024 и 15.06.2024. Поради влошување на клиничката слика на ден 15.06.2024 година од страна на неонатлог од битолската Болница по претходна консултација со анестезиолог од КАРИЛ и ЈЗУ УК за детски болести - Скопје извршен е транспорт со медицинско возило но во тек на транспортот доаѓа до дополнително влошувањена општата состојба со брадикардијата. При прием на Клиниката за детски болести новороденчето е без срцева акција и дишење, спроведена е реанимациска постапка по протокол, без одговор на истата и е констатиран Exitus letalis во 16.55 часот. Упатената дијагноза е P22.9 (респираторен дистрес синром) а причина за смртта Insufitientio cardiorespiratoria, се наведува во соопштението.  

Од ДСЗИ информираат дека согласно надлежностите, направен е увидот во медицинската евиденција и документација на одделението за гинекологија и акушерство како и на неонаталошкото одделение во ЈЗУ КБ Битола.

Констатирано е дека родилката се јавила во здравствената установа на ден 14:06.2024 година заради болки кои перзистирале два дена. Извршен е преглед од страна на специјалист гинеколог-акушер, направени две кардиотокографски иследувања и примена е на одделот за гинекологија и акушерство за породување со царски рез со оглед на тоа што ова и била втора бременост. Во 2012 година исто така била породена со цариски рез. Земени се примероци за лабораториска анализа - крвнa слика и анализи за фактори на коагулација и крвна група во службата за трансфузиологија.

- Породувањето е извршено со спинална анестезија во 11:43 часот на наведениот датум за што постои писмена согласност од страна на родилката. По породувањето, и наредниот ден 15.06.2024 година постојано се следи нејзината здравствена состојба и вршени се лабораториски анализи, се наведува во соопштението од ДСЗИ.

Нејзината бременост претходно е следена од матичниот гинеколог во „Д-р Тони“ во Битола каде според здравствениот картон се имала јавено во неколку наврати почнувајќи од декември. 

Инспецискиот надзор беше извршен по налог на заменичката-министерка за здравство Маја Манолева откако медиумите објавија дека новороденче починало откако поради влошената здравсвена состојба е пренесено од битолската Болница на Детската клиника во Скопје.