Џафери чека објаснувања за комисијата за помирување и за предлогот за амнестија
Продолжува неизвесноста околу формирање на најавената комисија за помирување. Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во изјава за медиумите рече дека очекува иницијаторите за формирање на вакво тело, осумтемина пратеници кои гласаа за уставните измени од редовите на опозицијата да иницираат средба и да ја објаснат конкретно оваа идеја.
-Идејата за формирање на телото е во контекст на подготвеноста на мнозинството во Собранието да се има општо помирување во односите помеѓу политичките партии застапени во Парламентот и пошироко и таа произлегува од самите пратеници. Иницијаторите досега не се обратиле до мене да се изјаснат во однос на основната идеја и замислата. Нивна беше волјата јас да го водам тоа тело, рече Џафери кој присуствуваше на промоцијата на студија за регулативата за употребата на јазиците во Македонија.
Џафери потврди дека на вчерашната координација во Собранието била водена општа дебата со претпоставки како би изгледало и што би се работело во оваа комисија и во тој контекст го спомена кодексот за однесување на пратениците.
-Очекувам иницијаторите на оваа комисија да иницираат соодветна средба и да ја објаснат идејата, рече Џафери.
Според претседателот на Собранието, најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека тие не се подготвени да учествуваат во едно вакво тело, е „јасна определба дека тие не се заинтересирани за општо помирување меѓу пратениците, што би се рефлектирало меѓу граѓаните, како поддржувачи на политичките партии“.
За барањето за закон за амнестија од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери нагласува дека пратениците имаат право да достават до Собранието ваков закон, но вели дека тие треба да објаснат која би била идејата на законот и што би придонел тој за нив и за имиџот и позицијата на Собранието.
-Не можам да прејудицирам која би била идејата на таков закон и во кој опфат би бил, но во секој случај секој пратеник има легитимно право да предложи закон, рече претседателот на Собранието, додавајќи дека за ова прашање ќе се разговара кога ќе има конкретен предлог.
Џафери кажа дека до денеска напладне до него нема доставено информација од осумтемина пратеници дека излегуваат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и дека најавуваат формирање на нова пратеничка група. Тие имаат право на тоа, вели Џафери и додаде дека до него се уште нема пристигнато никакво известување.
Ново на Сител
-

Стабилно и суво со променлива облачност во текот на денот
-

Македонија дел од голема меѓународна акција: Жртви во 50 држави и штета од над 4 милиони евра од интернет-измами
-

По седум години судење, Боки 13 ослободен од сите обвиненија
-

Перпарим Бајрами излегува од притвор со гаранција од 1 милион евра
-

МФ: Владата го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, ќе се достави до Собранието на усвојување
-

Лукашенко: Ако сега не ја запреме војната во Украина ќе избувне трета светска војна
-

Сиљановска-Давкова во Брисел: Очекуваме еднаков третман со другите земји кандидатки за членство во ЕУ
-

Мицкоски - Вуст: Македонија и Северна Рајна-Вестфалија ќе ја продлабочуваат економската соработка

