Македонија
29. July 2015 - 8:31

Џез-концерт на „Скопско лето“

Во рамки на „Скопско лето“, вечер од 20.30 часот во Сули ан - Факултет за ликовни уметности концерт ќе одржи интернационалниот ансамбл „Csps jazz ensemble”. 

Во него членуваат: Дејв Вилсон од САД (баритон саксофон), Стелиос Цаѕиклеас од Грција (труба) и македонските музичари Кирил Кузманов (алт саксофон), Иван Иванов (тенор саксофон), Бојан Петков (гитара) Кирил Туфекчиевски (контрабас) и Ратко Даутовски  (перкусии). 

CSPS Ensemble е формација од овие седум џез музичари кои во текот на изминатата година работеа на составувањето на музичкиот проект „ENCOUNTER”.

На вечерашниот концерт премиерно ќе бидат изведени делата: Cygnus Atractus; Mist in the Missed;  Keep It To Yourself; Joanica; Got Away; That One; Karma Bura  и The Red Barbunya. 

- И покрај тоа што станува збор за релативно млади музичари, тие во изминатите години активно работат на своите кариери свирејќи во различни џез-состави, честопати работејќи и на заеднички проекти, за во овој проект да ги спојат своите интересни музички идеи и енергии, создавајќи автентичен модерен џез-материјал кој вклучува претежно авторска музика, но и дела кои досега не биле изведени пред македонската публика. Материјалот исто така е снимен на цеде, во продукција на Ален Хаџи Стефанов и се преговара за негово издавање со издавачки куќи од Европа и САД, соопшти фестивалот „Скопско лето“.