Македонија
24. September 2024 - 16:34

ДЗР: На неврологија лани најголем дел од прегледите биле за итни случаи или со врски

На неврологија најголем дел од прегледите биле за итни случаи или со врски минатата година. Државнииот завод за ревизија утврдил дека на Клиниката се реализирале 2732 прегледи, што е само 13 проценти од прегледите кои Установата имала обврска да ги закаже.

- Од одговорните лица на Клиниката, добивме образложение дека ваквата состојба е резултата на специфичната дејност на клиниката која во најголем дел врши итни прегледи или прегледи без термин. Утврдената состојба не е во согласност со  правилникот и влијае на начелото за достапност на здравствените услуги,констатирал ревизорот и  му препорачува на директорот да овозможи соодветен број на термини во „Мој термин“ за пациентите.

Во годишниот извештај за работата на Клиниката за неврологија ДЗР има бројни забелешки. Биле ангажирани сестри, болничари и здравствени работници без согласност од министерството за финансии. Ревизорот не е сигурен дали 30 проценти од парите за клинички испитувања завршиле во болничката каса или во нечиј џеб. Лекови од условен буџет не се бирани на стручен колегиум. Има забелешки и како се приклучувале на терапија дел од пациентите со Мултипла склероза. Во дел од набавките не се почитувал Законот, а дониран лек за мигрена немал дозвола од Министерството за здравство и МАЛМЕД. На истиот му истекува рокот и Клиниката треба да плати уништување на Дрисла.

- Постапувањето со овој дониран лек може да има влијание на остварувањето на начелото на квалитетен и сигурен здравствен третман и покрај тоа што истиот има одобрение за употреба во земјата која го донирала лекот и пациентите потпишуваат изјава дека се согласни да го примат, забележува ДЗР.

Од ВМРО ДПМНЕ пак повикувајки се на ДЗР тврдат дека претходната власт поделила 100 милиони евра за справување со Ковид, без јасни критериуми, а со тие пари можело да се изгради нов Клинички.

- За да може да разбереме колкава штета е направена, ќе нотираме дека изградбата на нов Клинички центар во Скопје со оставен проект во 2017 година ќе чинеше 120 милиони евра. Значи владата на СДС и ДУИ за една година на сомнителен начин поделила пари колку за еден нов Клинички центар во Скопје. Се разбира никој не знае како се поделени истите, ниту што е ефектот, изјави Марија, Митева, портпарол, пратеник, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираа од СДСМ, додека тие  ги поддржувале и помагале граѓаните во време на ковид кризата ДПМНЕ опструирало.

- Шест години ВМРО-ДПМНЕ ја блокираше изградба на Клинички центар, а претходно десет години ја лажеа јавноста дека ќе го изградат. Зад таа лага со години сведочеше оградената парцела со лимени тараби, се вели во реакцијата од СДСМ.