Свет
10. January 2016 - 12:40

Една година по нападите против Шарли Ебдо и Хипер Кашер

Стравот од терористичките напади, само една година по крвавите настани од јануари кога во Шарли Ебдо и Хипер Кашер беа убиени 17 лица, следени на крајот од минатата година со атенатите во кои загинаа 130 лица, трајно се всади кај французите, покажува испитувањето на јавното мислење направено од институтот ИФОП за регионалниот весни Суд-Уест, јавува дописникот на МИА од Париз.

За 95% од испитаниците, терористичката закана е висока, а процентот е речиси ист како кај поддржувачите на Фронтот на левицата или пак оние на Националниот Фронт, исто како и кај поддржувачите на Социјалистичката партија или Републиканците.

За споредба во септември 2010 година тој процент изнесуваше само 52% и постојано rастеше во текот на годините, за да достигне  93%  по нападите во јануари 2015 година и максимум од 98% по оние на 13 ноември, во кои загинаа 130 лица во Париз.

Бројот на лицата кои ја сметаат терористичката закана "многу висока " од помалку од 20% пред нападите во јануари 2015 година на 68% по оние од 13 ноември, за да се стабилизира на 41% денес.

Во меѓувреме, имаше планиран напад врз црквата во Вилжуиф, во близина на Париз, отсекувањето на главата на шефот на едно претпријатие во Сен Квентин-Флавие,спречениот  напад во возот со голема брзина Талис меѓу Брисел и Париз.

 "Идејата дека тероризмот може повторно да удри во Франција трајно се има инсталирано речиси кај сите ", се нагласува во коментарот на анкетата на институт ИФОП.

Според истражувањето, 88% од Французите имаат  доверба во силите на редот за борбата против тероризмот, што е релативно стабилен процент од јануари 2015 година, и покрај повторувањето на нападите или обидите за напади.

Само 49% од испитаниците велат дека сепак веруваат во шефот на државата, Франсоа Оланд, и неговата влада.

Довербата која малку се промени од јануари 2015 (51%), но која е многу различна во зависност од симпатиите на испитаниците: - од 24% кај поддржувачите на Националниот Фронт,  29% кај поддржувачите на Републиканците, 90% за симпатизерите на социјалистите и  62% кај тие на Фронтот на левицата.

Испитувањето исто така покажува дека поддржувањето на француските воздушни напади врз позициите на Исламската држава во Ирак и Сирија е значително зголемена: од 76% кон крајот на септември до 82%, а по настаните од 13 ноември достигна и 85% на поддршка.