ЕК: Путин може да патува во Будимпешта и покрај санкциите и налогот за апсење

Европската комисија изјави дека секоја можна средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин би била добредојдена доколку таа би придонела за постигнување „праведен и траен мир“ во Украина, објави Анадолија.
Зборувајќи на прес-конференција, портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, рече дека „претседателката (Урсула) фон дер Лајен го поздравува секој чекор што води кон праведен и траен мир за Украина. Доколку предложената средба за која зборувате служи за таа цел, ние би ја поздравиле“, изјави тој.
Гил нагласи дека ставот на Европската Унија за Украина е „долгогодишен и добро познат“ и дека „крајно време е Русија да ја прекине својата бесмислена и нелегална војна и агресија против Украина“.
Тој додаде дека иако деталите за предложената средба сè уште не се потврдени, Европската комисија би ја сметала за позитивна „доколку таа би придонела за напредок кон постигнување мир“.
Кога беше прашан дали фон дер Лајен имала контакт со Трамп во врска со ова прашање, Гил рече дека не може да го потврди тоа, но додаде дека претседателот на комисијата „е во редовен контакт со сите лидери како дел од нашите непоколебливи напори за постигнување праведен и траен мир во Украина“.
Друга портпаролка на Комисијата, Анита Хипер, нагласи дека ЕУ продолжува да ги поддржува сите мировни напори: „Ние го поддржуваме мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп во неговите напори; сакаме тој да успее. Во овој контекст, сакаме дополнително да го зголемиме притисокот врз Русија“.
Таа додаде дека овој притисок ќе се одрази и во следниот, 19-ти пакет санкции против Москва.
Кога беше прашана дали Путин може да патува на евентуален состанок, Хипер појасни дека рускиот претседател и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров се предмет на санкции за замрзнување на средствата, но „не се конкретно опфатени со забраната за патување“.
Во четвртокот, рускиот и американскиот претседател одржаа она што советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го опиша како „многу суштински, но исто така и исклучително искрен и доверлив“ телефонски разговор што траеше речиси два и пол часа.
Ушаков рече дека Путин и Трамп разговарале за можноста за одржување на уште еден состанок лице в лице и се согласиле дека претставниците на двете страни треба веднаш да започнат со подготовките за самитот, а Будимпешта се споменува како можен домаќин. Двајцата лидери последен пат се сретнаа на 15 август во американската држава Алјаска.
Во меѓувреме, портпаролот Ануар Ел Ануини ја потврди поддршката на ЕУ за Меѓународниот кривичен суд (МКС), по прашањата за обврските на Унгарија кон судот во контекст на нејзината одлука за повлекување од Римскиот статут.
Унгарија го објави своето повлекување од МКС на 3 април, кратко откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигна во Будимпешта, а во мај унгарскиот парламент донесе закон со кој се започнува едногодишен процес на повлекување.
МКС издаде налог за апсење на Владимир Путин во март 2023 година како дел од неговата истрага за воените злосторства во Украина.
МИА
Ново на Сител
-

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со адмирал Викоф, нагласено значењето на партнерството со НАТО и со САД
-

Заврши руско-белоруската воена вежба на нуклеарните сили
-

Командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол во прва работна посета на Армијата и Министерството за одбрана
-

Минчев на средба со СИГМА: Транспарентноста и ефикасноста клучни за јавната администрација
-

Руте: Многу земји-членки на НАТО не издвојуваат доволно средства за Украина
-

Божиновска: Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција достигнува портфолио од 1,7 милијарди евра
-

Министерството за спорт најостро ги осудува случувањата на финалето од фудбалскиот Куп на Македонија!
-

Сиљановска - Давкова: Да се влезе „Во мојот свет“, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет
