-->
-->
Езерото „Младост“ станува препознатливо и по Велешкиот пливачки маратон
-->

Маратонот го организира општина Велес и Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ и Кајакарскиот клуб „Бабуна“ под покровителство на Пливачката федерација на Македонија.
Оценка на стручњаците од ПФМ кои ги следеа маратонот и ги оценуваа натпреварувачите, е дека петтиот „Велешки маратон 2018“, помина одлично.
Александар Маленко претседател на ПФМ на крајот на маратон за МИА даде позитивна оценка на маратонот
- Ова е прво наше заедничко искуство во партнерствво со техничкиот организатор и општина Велес заедно со Пливачката федерација на Македонија. Се надеваме дека од наредната година Велешкиот маратон кој е дел од македонскиот куп во далечинско пливање ќе добие меѓународен карактер, што е наша и цел на општината. Јас ветувам како поранешен пливач и од име на ПФМ, дека со националната програма од догодина заедно партнерски и со Агенцијата за млади и спорт и МОК и општина Велес ќе организираме маратон на 8 септември - Денот на независноста. Освен на 2,5 и пет километри и догодина како и во изминатите четири години ќе ја има повторно и олимписката дисциплина - маратонот на 10 километри, а кој годинава изостана, најави Маленко.
Петре Петрушевски од Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ професор по физичко воспитание, долгогодишен инструктор по повеќе спортови и одговорен на Тимот за одговор при катастрофии на општинскиот Црвен крст е еден од иницијаторите и организатор на Велешкиот пливачки маратон во разговорот за МИА, појаснува дека почетоците биле тешко, но сега по пет години се задоволни со постигнатите успеси.
- Задоволството е големо на нас неколкумина како иницијатори што Велешкииот маратон го организираме по петти пат, а што претставува и еден мал јубилеј. Покрај тешкотиите со кои се соочивме кај нас како организатори ентузијазмот не спласна. На почетокот ни беше многу тешко да го воспоставиме сето ова. Воедно со секој следен пливачки маратон и ние учевме како треба сето ова да се организира, а воедно искуства црпевме и од наши пријатели со поголемо искуство од нас.Сега кога сето тоа успеавме да го постигнеме, убаво ни е кога ќе слушнеме од учесниците и посетителите дека годинава пливачкиот Велешки маратон е најдобро организиран. Тоа ни дава поттик да одиме напред со уште поголеми успеси, потенцира Петрушевски.
Дине Гуџов 64-годишен бизнисмен, главен спонзор на Велешкиот маратон, кој го помага маратонот од почетокот до денес, а воедно со своето дирекно учество во трката за рекреативци секоја година заедно со своите два сина 39-годишниот Пере и 26-годишниот Дејан, дава одличен пример за останатите.
Во разговорот за МИА појаснува дека отсекогаш посакувал и Велес да има свој пливачки маратон и затоа го подржува од самиот почеток до денес и ќе продолжи така и во иднина.
- Пливам од дете, а се научив на Вардар. Секогаш кога поминував крај езерото „Младост“ посакував и тука да има маратон. Инаку, јас на Велешкото езеро досега испливав седум маратони: два пред неговото започнување и петте од неговиот почеток до денес. Со мене пливаат и моите синови, а кои разбирливо поради нивната младоста испливуваат пред мене, но и јас не се откажувам. Така лани 2,5 километри испливав за час и 15 минути годинава за час и 20 минути, што значи стареам, но сепак не се откажувам од маратонот учествував и ќе учествувам се додека физички можам. Воедно и финансиски и понатаму ќе го помагам колку можам. Апелирам и до останатите бизнисмени и спортисти да дадат свој придонес за маратонот, а за да го издигнеме на едно повисоко ниво, повика Гуџов.
Тој потенцира дека пливањето е многу важно за секој човек, а маратонот ја има целта и останатите кои не знаат да научат да пливаат и да спортуваат, а со тоа во некоја несреќа и да спасат и нечиј живот.
Маратонот може да стартува
На тој 15 септември 2018, организаторите направија се’ маратонот да се одржи. Иако за разлика од минатите години беше некаде околу 20 август годинава беше нешто подоцна во средината на септември, но сепак имаше идеални временски услови.
Топол се уште летен саботен ден, мирни езерски води во кои се отсјајуваат последните топли сончеви зраци од ова лето. Водата не е ни претопла ни ладна, сепак добра за пливање.
Се прават последните подготовки, а учесниците се размрдуваат, загреваат со вежби, пред влегување во езерската вода.
Велешкиот пливачкиот маратон стартува со трката за рекреативци за мажи и жени на 2.500 метри, каде има 19 учесници од кои пет во женска конкуренција.
И годинава како и во изминатите години безбедноста на вода на учесниците е од страна на 30-ина кајакари од сите генерации во кајаци и чамци, а помош имаат и од спасителите на вода од општинскиот Црвен крст.
За цело време на трката нив ги следеа кајакарите кои им ги покажуваа правецот на патеката во езерото, а за нивната безбедност се грижеа спасителите на вода кои будно го набљудуваа секое нивно замавнување со рацете во езерските води, а за на време да реагираат ако не дај боже некому затреба.
Во едно од тие кајчиња беше и нашата новинарска екипа со искусните кајакари Кире Пачуков и Љупчо Миланов, кои внимателно ги следеа пливачите и им даваа поддршка на учесниците и се грижеа за нивната безбедност и ги бодреа да издржат.
По напорното пливање за среќа се’ помина во најдобар ред и сите учесници еден по еден, секој според физичката подготвеност пристигнуваа на целта поздравени од бројната публика на брегот на езерото.
Кај аматерите на 2.500 метри прв беше Христијан Јанков од Штип, втор Марио Џунов од Велес и трет Бојан Илковски од Велес.
Во категорија аматери во женска конкуренција прва беше 13- годишната Вероника Зашевска од Штип, втора Ирена Панова Петровска од Велес и трета Марија Ѓорѓиевска од Велес.
Во изјавата за МИА второпласираниот 18-годишниот Марио Џунов од Велес информира дека на маратонот учествува по четвртти пат.
- Годинава сум втор како што бев втор и на петнаесетгодишна возраст. Инаку лани во оваа трка бев најдобар и го освоив првото место. Бидејќи годинава Градскиот базен во Велес не работеше јас тренирав само на езерото. Мислам дека пливачкиот маратон е одлична можност за промоција на нас младите пливачки таленти во земјава и затоа треба да продолжи да се развива и да биде уште поуспешен, очекува Марио.
Христијан Јанков (14) од Штип, кој лани беше трет, годинава го освои првото место.
- Напорно тренирав секој ден, а најважно за самиот натпревар е да не те фаќа паника и да не брзаш, треба да почнеш полека на почеток, а важно е и со исто темпо да ја пливаш целата трка за да можеш да издржиш до целта, појасни Христијан видно среќен за високиот пласман.
Во категорија аматери во женска конкуренција прва беше 13-годишната Вероника Зашевска од Штип, втора Ирена Панова Петровска од Велес и трета Марија Ѓорѓиевска од Велес
Вероника Зашевска тринаесет години, исто така, од Штип и таа го освои првото место на 2500 метри кај рекреативците.
- Учествувам вторпат. Лани беше многу полесно бидејќи имав помалку конкуреција. За време на пливањето сама на себе си велев ајде пливај побрзо можеш да освоиш високо место. Додека пливав до мене имаше едно девојче и цело време си мислев, да побрзам и да стасам пред неа и можеби ќе освојам нешто. Јас така самата си се бодрев и ете испливав прва на целта, а на што сум многу радосна, потенцира малата маратонка Вероника со насмевка на лицето.
Ирена Панова Петровска од Велес учествува првпат и го освои второто место.
- За успех е потребно упорност, силна волја, вежбање – тренирање пливање минимум два часа секој ден, појаснува Ирена видно среќна од постигнатиот успех и најавува дека ќе учествува и догодина.
Инаку, кај професионалците во женска и машка конкуренција на 2,5 и пет километри годинава имаше четириесетина учесници, што е повеќе од лани.
На петтиот јубилеен Велешки маратон на Езерото Младост“ во маратонот на пет километри за мажи без конкуренција прв исплива Александар Илиевски, репрезентативец и член на Пливачката федерација на Македонија.
Во изјавата за МИА, Александар Илиевски, кој 19 години е во пливањето, оцени дека организацијата била добра, а патеката добро обележана
- Конкуренција немав бидејќи не знам од кои причини моите конкуренти не дојдоа, па затоа го пливав моето темпо без да форсирам, на 2,5 километри 34 минути и уште толку на следните 2,5 километри или на целта пристигнав за еден час и 8 минути, појасни Илиевски.
Појасни дека плива маратони од светската гран при серија, а овој маратон му бил како полесен тренинг, бидејќи специјалност му се маратоните на 10 километри.
Тој минатата недела пливал на Истанбулскиот маратон на шест километри, пливал и на маратон во Канада и Аргентина и на Охридскиот.
Второто место го освои Јасин Рамадани, а третото Егзон Зеќири од Пливачкиот клуб „Лирија“ од Скопје
Инаку на 2,5 километри професионалци жени прва исплива Калина Стојановска од Пливачката федерација на Македонија, втора беше Ивана Неделковска Беташар од Скопје и трета Калина Стојчевска ПК „Младост“ Скопје.
На 2,5 километри професионалци мажи прв е Андреј Стојановски ПФМ, втор Сергеј Пејковски од ПК „Младост“ од Скопје и трет Кристијан Стојановски исто така од ПК „Младост“ Скопје.
Инаку, овој маратон беше последен маратон од годинашниот Македонски куп во далечинско пливање.
Маратонот заврши, а организаторите веќе размислуваат за следниот шести кој се планира да се одржи на 8 септември 2019, а со учество на маратонци од повеќе земји и по пауза од една година повторно пливање на маратонот на десет километри што е олимписка дисциплана.
-->
-->
-->
Ново на Сител
-
Пет инспекциски екипи од денеска ќе проверуваат дали се безбедни објектите за прослави и големи собири
-
Прилепскиот театар е првиот објект кој доби забрана за користење поради лошите услови
-
Уште пет пациенти денеска се враќаат во Македонија
-
Комеморација во чест на професорката Сара Пројкоска од ФМУ
-
Попов: Невладеење на правото и корупцијата резултираа со масовни несреќи од кои последната е во Кочани
-
Која е фирмата 2 СС Кичево чијшто управител заврши во притвор?
-
Видевски не се сеќава кај го сокрил пиштолот, негира вмешаност во убиствата на Вања и Панче
-
Преглед на вестите од светот