Свет
7. July 2016 - 11:22

ФАО: Ел Нињо и Ла Нина ќе загрозат сто милиони луѓе

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) соопшти дека здруженото дејствување на двата метеоролошки феномена Ел Нињо и Ла Нина, може до крајот на годината да зафати сто милиони луѓе.

ФАО проценува дека на околу 60 милиони луѓе, од кои две третини во источна и јужна Африка поради сушата поврзана со Ел Нињо им се заканува недостиг од храна. 

Ел Нињо е климатски феномен, кој се појавува кога температурата на Тихиот Океан станува абнормално висока. Влијанието на Ла Нина, појава кога водата во источниот дел на Тихиот Океан по Ел Нињо се лади, не е толку сериозно, но се поврзува со поплави и суши.

- Ел Нињо првенствено ги предизвика прехранбените и земјоделските кризи, изјави претседателот на ФАО, Жосе Грацијано да Силва на состанокот на Агенцијата на ОН во Рим, на кој се расправаше за влијанието на Ел Нињо врз Африка и пацифичкиот дел на Азија. 

Да Силва нагласи дека се потребни околу четири милијарди долари за да се задоволат потребите на државите погодено од феноменот. 

ОН ги повикуваат меѓународната заедница и владите да ги зголемат напорите за зајакнување на отпорноста на „најчувствителните“ заедници, кои тешко се прехрануваат и да им помогнат да се подготват за Ла Нина.

ФАО обезбеди дополнителни средства за земјоделство и прехрана, како и средства за подготовки за катастрофата. 

Јужна Африка има три месеци пред почетокот на земјоделската сезона да воведе итни мерки, кои ќе спречат земјоделските семејства во 2018 година да станат зависни од хуманитарна помош, смета ФАО.

Метеоролзите во Јапонија, Австралија и САД проценуваат дека постои од 50 до 75 отсто шанси дека Ла Нина ќе се случи во втората половина на 2016 година.