Тенис
13. November 2015 - 16:43

Финале за Ѓорческа во двојки во Анталија

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа забележа две нови победи на фјучрсот во Анталија. Таа денеска најпрвин во сингл конкуренција ја победи Анастасија Вдовенко од Молдавија со 2:0 во сетови. Мечот траеше 58 минути, а противничката на Ѓорческа освои само три гема (6:1 и 6:2 во гемови).
Во следното коло (полуфинале) таа ќе игра со квалификантката од Украина 17-годишната Гиулнара Назараова, која ја победи Александра Поспелова од Русија.
Во полуфиналето во конкуренција на двојки Ѓорческа со Ива Приморац од Хрватска ги победија Алина Фолц (Узбекистан) и Александра Поспелова (Русија). Првиот сет Ѓорческа и Приморац го добија со 6:2 во гемови, а во слениот беше 6:4 за ривалките. Во решавачкиот сет Ѓорческа и Приморац беа поуспешни со 10:7 на поени. Тие утре во финалето ќе играат против првите носителки Алона Фомина (Украина) и Кристина Шаковец (Германија).