Македонија
26. January 2021 - 14:28

ФИТР ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ

Во однос на повторно изнесените невистини, манипулации и обвинувања од страна на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски, во врска со една од фирмите со која Фондот за иновации и технолошки развој има склучено рамковен договор за комуникациски услуги, ФИТР сака да ги сподели фактите и да ги демантира тврдењата. ФИТР транспарентно и согласно законот ги води сите постапки. Невистина е дека има прекршување на било кој од законите ниту пак било каква основа за она што го зборува ВМРО ДПМНЕ. Еве ги фактите:

ФИТР ја информира јавноста дека Рамковната спогодба со Агенцијата „Бригада Дизајн“ ДООЕЛ Скопје е склучена на 21.09.2020 година откако на тоа и претходеше Отворена постапка за јавни набавки согласно член 50 од Закон за јавни набавки, за која согласно член 59 од истиот Закон е спроведена и електронска аукција како посебен начин за доделување на договорите за јавна набавка.

По извршената евалуација, донесена е Одлука за избор на најповолните понудувачи, со која согласно член 57 од Законот за јавни набавки („Службен Весник на РМ“ бр.24/19) склучена е Рамковна спогодба со двајца економски оператори, односно „Бригада Дизајн“ ДООЕЛ Скопје и Друштво за Маркетинг „Њу Момент Њу Идеас Компани“ ДОО Скопје.

Проценетата вредност на Рамковната спогодба е 10.000.000 (десет милиони) денари без ДДВ, и истата се реализира во зависност од потребите на институцијата. Би сакале да појасниме дека не се работи за вредност која е паушална и која се исплаќа кон економските оператори континуирано, туку Договорниот орган –  ФИТР до економските оператори доставува барање за извршување на определена услуга предвидена во Рамковната спогодба, по што се склучува Договор за поединечна набавка врз основа на Рамковната спогодба. Плаќањето се врши врз основа на извршените услуги од страна на Економскиот оператор, односно по целосна реализација на склучениот Договор за поединечна набавка.

Досега врз основа на сите поединечно склучени договори со економските оператори кои се страна во Рамковната спогодба, се реализирани вкупно 1.217.037 денари без ДДВ,односно 1.436.104 денари со ДДВ.

Постапката што ФИТР ја спровел, како и документите за склучените договори се јавно достапни на страната на Електронскиот систем за јавни набавки.

Целта на спроведување на оваа набавка е презентација на резултатите од работењето на Фондот, а со цел отчетност и транспарентност пред јавноста, како и подобрување, поттикнување и унапредување на двонасочната комуникација со јавноста и потенцијалните апликанти. Дополнително овие средства е предвидено да се искористат и за презентација на резултатите за спроведените јавни повици како и резултатите од спроведените проекти на домашните компаниите во склад со начелата за транспарентност и отчетност поврзани со јавни пари од граѓаните.

Исто така, предмет на склучената Рамковна спогодба е и презентација и информирање на јавноста за програмите за поддршка кои ги нуди Фондот.  За тоа колку придонесува континуираното промовирање на кофинансираните грантови, односно инструментите за поддршка говори и фактот за драстично зголемување на бројот на предлог апликанти на секој нов јавен повик на ФИТР.

Во однос на споменатата 24 седница на Владата на Република Македонија на 22.08.2017 година, Владата на РМ има донесено заклучок според кој се задолжуваат сите органи на државната управа, им се укажува на институциите кои немаат статус на органи на државната управа и им се препорачува на единиците на локалната самоуправа да престанат да емитуваат, односно рекламираат кампањи/спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали, со исклучок на социјалните медиуми, согласно усвоената мерка од Планот 3-6-9.

Оттука, не станува збор за рекламна кампања или спот, туку за онлајн издание „Пет години ФИТР“ со кое на јавноста и се презентира отчетноста за работењето на Фондот во изминатите пет години.

Членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги со кој манипулира Арсовски вели „Забрана за рекламирање Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.”  Да појасниме, согласно Член 3 точка 17 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги,  дефиниција за радиодифузер гласи „Радиодифузер е давател на аудио или аудиовизуелни медиумски услуги за радио или телевизиско емитување“.

Постапката што договорниот орган (ФИТР) ја спровел е согласно Законот за јавните набавки, а документите за склучените договори се јавно достапни на страната на Електронскиот систем за јавни набавки. Истите договори се потпишани од страна на претходниот директор на ФИТР, Јован Деспотовски.

Фондот и во минатато покажа дека е вистински транспарентна и отворена институција и жалиме што еден сериозен политички субјект како ВМРО ДПМНЕ постојано се обидува преку изнесување на лаги и невистини да и наштети на угледот на нашата институција која успеа да мотивира над 550 домашни компании, претежно основани од млади луѓе да работат на успешни приказни овде дома.

Фондот за иновации и технолошки развој како и досега останува целосно транспарентен и отворен за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста.

Фонд за иновации и технолошки развој