Балкан
10. јуни 2018 - 12:46

Флабурарис: Независни Грци да не ја спречат големата можност за решение на името

Отворена е голема можност за решение на прашањето, а Независни Грци појасно да го видат интересот на земјата, вели министерот без ресор на Грција Алекос Флабурарис во интервју за неделното издание на весникот „Етнос“ и го повикува коалициониот партнер во владата да не го спречи постигнувањето решение.

- Ова прашање не постоеше во почетната агенда на владата, ниту беше дел од договорот за соработка. Но, ставовите на нашите партии беа познати. Сепак, се појави прашањето и сметаме дека ова е голема можност да се реши. Затоа, лично ги повикувам Независни Грци да не ја спречат можноста што се отвора за нашата земја да обезбеди мирно решение кое ги штити нашите национални интереси. Нека го видат појасно интересот на земјата, вели Флабурарис.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот министер без ресор изразува убеденост дека набргу ќе постои договор меѓу Македонија и Грција, а вели дека актуелната грчка влада често носела и носи тешки одлуки, но тие биле за доброто на земјата.

- Договорот набргу ќе се постигне со сложено име за внатрешна и надворешна употреба (erga omnes), со отстранување на иредентистичките претензии и промена на Уставот на соседната земја, објаснува Флабурарис за „Етнос“ и додава дека „мудрите и демократски граѓани во Грција поддржуваат решение“.