Г7 пушта до 100 милиони барели нафта и дизел од резервите за да ги намали цените

Земјите од Г7 во рок од четири месеци ќе пуштат на пазарот до 100 милиони барели сурова нафта и дизел од своите стратешки резерви, со цел ублажување на пазарните притисоци и намалување на цените на горивата – соопшти денеска францускиот претседател Емануел Макрон по видеосостанокот на лидерите на групата.
Тој истакна дека мерката ќе се спроведе во координација со Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), при што членките на Г7 се обврзаа да не воведуваат никакви ограничувања или забрани за меѓусебен извоз на енергенси.
Според деталите од договорот, значајни количини дизел ќе бидат пуштени во оптек уште во првите 20 дена од почетокот на акцијата. Макрон нагласи дека во однос на слободниот извоз бил „многу јасен“ и американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно најавуваше можни кратења на извозот на американски гас.
Овие одлуки „треба да ги намалат цените на горивата“, рече Макрон.
Членките на Г7 истовремено ги повикаа сите глобални производители да се воздржат од извозни блокади кои би можеле дополнително да ги зголемат тензиите на пазарот, а најавија и меѓусебна координација во распоредот за одржување на рафинериите за да се спречи истовремено затворање на капацитетите.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, преку платформата Икс ги поздрави координираните мерки за одговор на глобалната енергетска ситуација.
Тој најави дека кризата на енергетските пазари и начините за заштита на европските граѓани, компании и индустрија ќе бидат клучна тема на претстојниот самит на ЕУ на 15 и 16 октомври, подвлекувајќи дека оваа ситуација дополнително ја нагласува потребата од намалување на зависноста од фосилни горива и забрзување на транзицијата кон домашни извори на енергија.
МИА
Ново на Сител
-

Аналитичарите не гледаат суштински резултат по средбата во Софија, ова е прв чекор во деблокада на процесот
-

Средба Муцунски - Чамова во Софија
-

Тема на денот со Александар Кржаловски, директор на МЦМС
-

Средба Муцунски - Чамова во Софија
-

Родителите на судијата Ристов: Парите во ѕидот се наша заштеда од бостан, пиперки и дињи
-

Три станови гаранција за Груби
-

Втор ребаланс на буџетот: Се кратат приходи и расходи, дефицитот останува ист
-

Привремени договори, трајна несигурност за работниците во јавниот сектор
