Македонија
18. September 2023 - 16:44

„Гарантирана цена“ од среда за 50 прехранбени производи

„Гарантирана цена“- ваква ознака ќе добијат сите производи чии цени Владата утре ќе ги замрзне. Рефенрентната цена, според која ќе бидат формирани новите цени е 10% пониска од изложените на 1 август.

Министерот за економија не откри за кои точно категории станува збор, но рече дека цените ќе паднат за стотици производи. 

- Ако се намалуваат шпагетите, ќе се намалат сите шпагети што се продаваат во нашата држава. 
„Од било кој производител?“
- Од било кој производител, дали се домашни или не, нема врска. Многу повеќе од 50 производи се, но околу 25 се категории на производи. Што значи, има овошје, има лепеза од видови на овошје. Има зеленчук, значи има лепеза. Што значи дека за одредени сектори може да значи линеарно, а за одредени сектори, одредени производи од различни производители и од различни увозници, вели Бектеши.

Одлуката која Владата ќе ја донесе утре, ќе важи до 30 ноември, а Бектеши ги повика сите производители кои нема да се најдат на листата да се пријават во Министерството за економија за да ја добијат ознаката „гарантирана цена“.

Министерот најави и промена на на одлуката за забрана за акции. Трговците ќе можат да прават акции и на производите чии цени ќе замрзнат, но нема да смеат производите чиј рок е пред истек да ги рекламираат како „Акција“. За овие производи ќе мора да има ознака дека нивниот рок е при крај. 

Пазарниот инспекторат од среда ќе може да изрече и забрана за работење, а не како претходно парична казна која маркетите експресно ја плаќаа и продолжуваа по стар тек.

Бектеши најави нов закон за нефер практики во трговијата кои, според него, ќе воведат ред кај трговците. Измените ќе се донесат со европско знаменце.